Според пишувањето на Македонскиот весникот „Илинден“ од Тирана, универзитетскиот професор Линдита Никола е новиот претседател на Собрание на Република Албанија од Тирана. Во минатото таа била градоначалник на Општината број 1 во Тирана, а во период од пет години била пратеник во Собранието и ја извршувала функцијата министер за образование и спорт. Проф. Линдита Никола е македонска снаа и одлично зборува македонски јазик
Македонците во Република Албанија имаат поголема среќа од Македонците во Пиринска и во Егејска Македонија. Имено, тие се признати како малцинство во Албанија и имаат одредени права на таа територија. Меѓутоа, сите Македонци каде и да живеат во Албанија, се борат да имаат исти права како и граѓаните и другите малцинства во Албанија. Македонците очекуваат, а и во согласност со препораките на Европската комисија, се надеваат дека пред да стане Албанија членка на Европската Унија, да направи одредени подобрувања.
Затоа, Македонците во Република Албанија бараат Закон за малцинства со цел да се изборат за сите права кои произлегуваат во согласност со тој Закон. За среќа, во Албанија, Македонците имаат поддршка од бројни албански институции, вклучувајќи го и Парламентот на Албанија..
Според првиот Македонец – пратеник во Собранието на Албанија, Васил Стерјовски, се проценува дека во Албанија живеат повеќе од 120 илјади етнички Македонци. Најголема концентрација има во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, како и во многу градови во Албанија Притоа, Општина Пустец чиј грб на општината го содржи древниот македонски симбол Ѕвездата од Кутлеш (Палатица) над кој стои натпис на македонски јазик – Општина Пустец, а под него и на албански јазик е прв случај на официјална употреба на македонскиот јазик во Република Албанија.
Исто така, според Стерјовски, партијата Македонска алијанса за европска интеграција како единствена македонска партија што ги претставува интересите на македонскиот народ во Албанија го поддржува Прогрес – извештајот за интеграција на Република Албанија во Европската Унија. Меѓутоа, кога се зборува за прашањето на статусот и положбата на етничките Албанци во Македонија и оние на етничките Македонци во Албанија, за жал, Македонија никогаш не инсистира на реципроцитет, туку ги смета правата на албанското малцинство како еден од клучните фактори на нејзината демократија.
Се чини дека состојбите на Македонците во Република Албанија се’ повеќе и повеќе се подобруваат на сите полиња. Тоа, особено се потврдило во општестево-политичкото живеење на Македонците на целата територија на Албанија, што претставува голем напредок во рамноправноста на македонското малцинство во заедницата на сите малцинства во демократска Албанија.
Тоа, овој пат го потврди претседателот на Македонско друштво ”Илинден” одТирана, познатиот новинар Никола Ѓурѓај со инфомацијата дека Линдита Никола, која е македонска снаа и која одлично зборува македонски јазик ќе биде новата претседателка на Албанскиот парламент. Веста во Собранието на Социалистичката партија ја објави самиот премиер Еди Рама. Тој рече дека Линдита Никола ќе го замени досегашниот претседател Грамоз Ручи, притоа Рама не штедеше пофалби за г-ѓа Никола.
Според пишувањето на весникот „Илинден“ Линдита Никола е родена во Тирана, на 22 октомври 1965 година Во 1989 година ги завршила студии на Факултетот за науки и природа, отсек математика на Универзитетот во Тирана. На истиот Универзитет во јули 2010 година има магистрирано на отсекот Јавна администрација, насока Централна власт. Со политика се занимава од 2003 година, кога во периодот 2003-2007 е избрана како советник во Советот на Општина број 1 Тирана Во два мандата (во периодот 2007-2011 и 2011-2013 година), госпоѓа Никола беше градоначалник на Општина број 1 во Тирана.
На изборите од 23 јуни 2013 година таа беше избрана за пратеник во Собранието на Република Албанија од Тирана. Во периодот од септември 2013 до мај 2017 година ја извршува функцијата министер за образование и спорт. На изборите во јуни 2017 год. беше избрана за пратеник во Лежа. Од септември 2017 година, госпоѓа Линдита Никола станува член на извршниот комитет на Социјалистичката партија.
Нејзината професионална биографија говори дека во меѓувреме, во 2006 година таа има завршено Академија за владеење и реформа во Институтот за демократија и поврзување (ИДП) во Тирана, додека во јуни 2008 година има завршено Академија на комунитарна коалиција и владеење на Универзитетот во Питсбургер, САД.
Приватноста на госпоѓа Линдита Никола говори дека таа е мажена за проф, д-р Лигор Никола и е мајка на една ќерка. Инаку, нејзиниот сопруг Лигор Никола родум е од село Врница, во областа Голо Брдо. Моментално е декан на Факултет за математичко инженерство и физика во Тирана.
Ние, Македонците од етничка Македонија, македонските иселеници од целиот свет, добронамерниците, особено македонското малцинство во Албанија, на универзитетскиот професор Линдита Никола и’ посакуваме многу среќа и успех во извршувањето на одговорната задача како нов претседател на Парламентот на Република Албанија.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН