Кога пристигнале во Скопjе, на децата им дале млеко и храна, што за нив изгледало како подарок од небото, по долгото гладување. Без многу одлагање, вагоните биле повторно поделени и една група била испратена во Романиjа, додека останатите го продолжиле своето патување до Булкес во Војводина
Имаjќи ги предвид сцените од последното раздвоjување на децата, овоjпат властите решиле да не ги информираат ниту децата ниту нивните маjки-сурогат. Како резултат на тоа, некои деца кои биле во посета на своите другарчиња во соседните вагони, завршиле на погрешни дестинации. Многу маjки не знаеле што се случило и бескраjно биле загрижени за судбината на децата кои недостасувале.
Кога пристигнале во Булкес (Воjводина), групите биле снабдени со храна донирана од Обединетите нации, децата биле искапени и им била дадена облека. Оттаму, со вагони биле односени во блиската болница за медицински преглед. Булкес бил град изграден од Германците, а окупиран од грчките партизани. Тој бил исполнет со активности кои се приспособувале кон поддржување на воените напори. Имало хранa во изобилство, па децата поголем дел од времето поминувале живеејќи во празни училишта и магацини. Освен Македончиња, имало и деца од Епир и Тесалиjа.
Штом се навикнале на комфорот, децата повторно морале да продолжат. Речиси по еден месец поминат во Булкес, повторно биле натоварени во вагони, им била дадена храна и биле испратени до различни дестинации. Без нивно знаење, повторно биле раздвоени и испратени во Унгариjа, Полска или Чехословачка.
Кога групата за Чехословачка пристигнала таму, чешките власти наредиле децата да се соблечат голи, нивната облека полна со вошки им била одземена, им било наредено да се истрижат и групно да се искапат. Тоа било ново искуство за македонските деца, да се капат голи пред толку многу други.
Локалните згради и бањи, некогаш им припаѓале на германските воjници, но откако тие биле протерани, станале засолниште за децата-бегалци. Откако поминале извесно време во карантин, децата биле однесени во друг камп каде биле поделени и разместени на грижа на учители. Таму им се придружиле други деца-бегалци кои стигнале претходно преку други маршрути.
Булкес денес
Децата повторно биле регрупирани во групи од 4 до 6-годишна возраст за градинки, од 7 до 12 години за државни училишта и од 13 години и постари за технички училишта. Мајките-сурогати биле одговорни да се грижат за помалите групи кои се состоеле од по дваесетина деца. Нивна задача била да ги будат наутро, да им помогнат да си ги облечат униформите, да ги надгледуваат при извршување на утринските вежби и да проверат дали сите добро поjадувале.
Попладне ги надгледувале како си играле додека не доаѓало време за спиење. Тие, исто така, проверувале дали им се добро исчистени и полирани чевлите и дали униформите се чисти и уредно закачени. Утрото започнувало со вежби и добар поjадок. Чешките учители биле професионалци, обучени за детска психологиjа, кои правеле најдобро што можеле за правилно образование на децата. Освен редовна настава, од децата се очекувало да научат разни jазици, вклучуваjќи чешки, грчки, македонски и руски.
Понекогаш, маjките и децата биле испраќани на работни задачи на фарми за да помагаат при собирањето овошjе, бобинки и печурки. Со текот на времето, маjките и децата почнувале да се навикнуваат на новиот живот, со исклучок на вообичаените тепачки меѓу грчките и македонските деца, особено машките.
Постоела нетрпеливост помеѓу грчките и македонските деца, со чести вербални навредувања, кои понекогаш завршувале со тепачки. На крај, грчките деца биле преместени во друг камп, со што бил ставен крај на тепачките.
Кога групата одредена за Романиjа пристигнала таму, околу илjада и петстотини деца биле испратени веднаш да се искапат, а нивната облека полна со болви била извриена и испрана. По капењето, на секое дете му била дадено долна облека и пижами, а потоа биле испратени во блискиот привремен комплекс бараки, порано во текот на војната користени од Германците како болница.
Децата останале таму од април до октомври 1948 година. Тогаш, на 25 октомври 1948 година, многу од децата биле преселени вo Полска. Повеќето од нив носеле домашно изработена волнена облека која им се смалила од перењето. За среќа, добриот народ на Романиjа донирал наметки за пресоблекување и децата биле добро облечени пред да заминат за Полска.
По поминати шест месеци во Романиjа во бараките, кои навидум биле под надзор, и без никакво школување, децата станале распуштени и непослушни. Со еден надзорник за целиот воз, патувањето до Полска било како брзо возење со украдена кола. Некои деца биле немирни, се качувале преку прозорците врз вагоните, а додека возот се движел, се исправале, преправаjќи се дека летаат.
Кога возот приближувал до тунел, тие легнувале на покривот држејќи се цврсто врз вагоните. Чадот од возот, кој како бранови ги обвиткувал нивните лица, им ги поцрнувал лицата, така што не можеле да се препознаат.
Кога влегле во Полска, возот бил преземен од полски екипаж. По еден надзорник, кој бил обучен како да постапува со децата, бил назначен за секој вагон за да се справат со мангупите. Во текот на натамошното патување, децата биле добро хранети и наградувани со чоколади и jаболка за добро однесување.
Кога стигнале во Полска, во градот Лондек Здуи /Londek Zdрui/, децата биле ставени под грчки надзор, групирани според возраста и распоредени во различни школски домови. Децата, чиjа возраст не била позната, биле групирани според висината и тежината. Во почетокот, децата одбивале да соработуваат, не верувајќи им на администраторите и плашејќи се да не бидат повторно раздвоени.
Била потребна интервенциjа од Црвениот крст и повторно уверување за да се убедат да соработуваат. За разлика од бараките во Романиjа, домовите во Полска биле добро опремени со персонал, со по еден директор и двајца или троjца помошници на секој дом. Секој дом имал осум до десет соби, со по четири деца во една соба. Немало недостаток од храна, играчки или игри.
Директорите биле одговорни за надгледување на утринските вежби, за поjадокот и за навременото пристигнување во училиште. По часовите, тие проверувале дали децата безбедно се вратиле. Потоа на децата им била давана вечера и оделе на спиење.
Децата во Унгарија
Околу 2.000 деца биле одредени за Унгариjа и им биле доделени воени бараки во Будимпешта. Таму, секое дете било соблекувано, испрскано со пестициди, искапено, облечено во нова облека и на сите им дале тоалетен прибор, во кој имало сапун и паста за заби.
Децата не знаеле што е тоа паста за заби и многумина мислеле дека тоа е за jадење. Вкусот на нане ги потсетувал на слатки и многу од нив јa трошеле пастата, обидуваjќи се да јa jадат. Во почетокот, грчките и македонските деца биле заедно во групи. Но, поради нивните тепачки, властите биле присилени да ги поделат децата на помали групи, поделени според селото од каде потекнувале.
Откако поминале три недели во карантин, групите биле усвоени oд унгарската заедница. Секоја селска заедница, потпомогната од фабрички комплекс, усвоила по една група. Некои се нашле меѓу наjбогатите заедници во регионот и биле привилегирани да живеат во квартови изградени од мермер.
Во близина, имапо мало езерце полно со егзотични и шарени риби. За жал, децата тагувале за својот дoм, им недостасувале нивните мајки и многу-многу не го ценеле луксузот. Но, полека, рутината почнала да настапува како што децата оделе на училиште и биле вклучени во училишните активности и во активностите на заедницата.
Освен редовната настава, од децата се очекувало да научат да читаат и пишуваат на својот маjчин jазик. Иако грчки службеници раководеле со наставните програми и се потсмеjувале на идеjата, сепак, на македонските деца им бил даден избор да учат македонски, ако сакале.
Продолжува
Пишуваат:
РИСТО СТЕФОВ И
СЛАВЕ КАТИН