Неодамна излезе од печат монографското дело за македонскиот просветител Тоде Кабровски од Сиднеј, Австралија. Тоа е луксузно издание на 164 страници на македонски и на англиски јазик, чиј приредувач е проф.д-р Солзица Поповска, а рецензенти се Славе Катин и Фиданка Танасков Публикација “Тоде Кабровски – македонски просветител во Австралија“ е посветене на еден од македонските просветители во иселеништвото кој долг период бил двигател на мислата за образованието на тамошните македонските генерации и нивната интеграција во новата австралиска средина. Затоа со право се вели дека учителот Тоде Кабровски како благородник и просветител е еден од најголемите и највеличенственеите личности во Сиднеј, Австралија. Тој како учител сериозно ја имаше сфатено поставената задача за децата на Македонците од сите делови на Македонија во Сиднеј да треба да се организираат на образовно поле, да ја сакаат својата татковина Австралија, а да не ја заборават земјата на нивните претци Македонија. Токму затоа улогата на неговото монографско дело со својата содржина е пример и патоказ за опфаќање и сплотенос на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји, овозможувајќи задоволување на чувствата и потребите, јакнење на единството среде македонскиот народ, зацврстување на слогата, љубовта, чувството за слобода, разбирањето и заедништвото со сите луѓе во новата средините во која се определиле да живеат. Она што посебно го одликува Тоде Кабровски, уште од млади години, е неверојатната верност и преданост на македонската кауза, која пред сé се состои во зачувувањето на националната свест на Македонецот, а потоа и во негово издигнување и промовирање на образовен план. Ретко може да се сретне таков човек кој ќе држи исто темпо на своите уверувања, но се разбира ќе биде и постојан во напорот и желбата за практично дејствување и спроведување на зацртаниот план во образовниот систем на мултикултурна Австралија. Затоа, во својот предговор проф. д-р Солзица Поповска ќе истакне дека секој човек е книга за себе и дека луѓето се поврзани и се’ што прават или доживуваат се одразува на поколенијата. За таквите луѓе како што е Тоде Кабровски вреди да се пишува книга во која се опфатени неговите благородни залагања за создавање врски меѓу Македонците на два различни континенти, но и за продлабочување на поврзаноста на македонскиот етникум со сите останати на петтиот континент. Не случајно во делото се вели дека смислата на постоењето ја пронаоѓаме во посветеноста на негување на поврзаноста и желбата да им се помогне на другите за да ја осведочат поврзаноста на човечен начин. Во монографијата “Тоде Кабровски – македонски просветител во Австралија“ е раскажана една цела историја не само на еден човечки живот, на неговата фамилија, туку во неа се дадени и збиднувањата во неговата родна земја и во новата средина. Оваа Монографија е силен доказ дека Македонците постоеле, постојат и ќе постојат и дека се ценети во нивната втора татковина, демократска и мултукултурна Австралија. Во оваа монографија дело се видливи постигнувањата на Тоде Кабровски како просветител во новата средина. Тоа е потврдено од неговите колеги, исто така личности вклучени во образовниот систем за македонските генерации во новата средина. Сите тие хумани образовни кадри имале и имаат видлива цел, мудрост и убавина во раководењето во образовниот систем во втората татковина. Монографијата “Тоде Кабровски – македонски просветител во Австралија“ е поделена на седум поглавја, во кои секое засебе претставува животната сторија на истакнатиот активист и силен роднокраен вљубеник, докажан добротвор и горд родител Тоде Кабровски. Неговата животна приказна е дел од големото стебло на семејството Кабровски во Македонија и во Австралија и со дела кои ја прават неговата лична карта и го воздигнуваат неговиот лик и дело. Во првиот дел посебно место има текстот за неговото родно место Горно Ореово, Битолско, кое ги отворило ширум портите за генерациите кои таму живеат или ширум светот и нивните потомци, кои се однесуваат со голема љубов кон се’ она што е останато од минатото, а се надградува во иднината. Еден од тие вљубеници, помагател и афирматор на родното Ореово, на Битола и на етничка Македонија е, секако Тоде Кабровски. Исто така, во овој дел се дадени текстови за неговите семејни корени и за животните врвици на просветителот Кабровски. Вториот дел е посветен на неговото заминување од родната земја во далечна Австралија, додека во третиот дел е даден животот на петтиот континент. Меѓу другото, се дадени текстови за неговиот животен сопатник Нада, нивните постигнувања во бракот и материјали за нивното среќно семејство во Австралија. Четвртиот дел е посветен на просветителската дејност на Тодо Кабровски, поточно на 40-те години од основањето на Македонскиот просветно-училишен одбор на Нов Јужен Велс. Ова поглавје ги опфаќа четирите децении на неуморната посветеност и на работата на Тоде Кабровски како претседател на Одборот. Преку оваа македонска институција која е призната од австралиските власти, Тоде дал непроценлив придонес во полето на образованието на македонските дечиња во Австралија, како и во други полиња за афирмација на својата прва татковина – Македонија. Тоде Кабровски долго време беше учителот, а неговата личност беше примерот на кој ќе треба младите генерации да се подучуваат и угледуваат како треба да се сакаат двете татковини. Петтиот дел е посветен на животна сага на просветителот Тоде Кабровски на двата континенти, притоа посебно место е дадено на интервјуто со овој просветител. Шестиот дел, пак, е посветен на личности – познавачи и пријатели на Тоде Кабровски кои ги изразија своите чувства, мислења, особини, постигнувања, доблести и други карактеристики за просветителот Тоде Кабровски. Меѓу другите, посебно место имаат текстовите од: Мартин Треневски, Димитар Башевски, Ѓуршица Чакар, Тодор Чепреганов, Жаклина Михајлова, Мирјана Дуковска, Георги Сталев, Сотир Најдовски, Сотир Гроздановски и други. Со тоа се збогати широкото и светло огледало кое е дар на животот и делото на Тоде Кабровски, чија монографија, во исто време е и дел од иселеничката одисеја на Македонците во Австралија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН
|