Политиката на проширување како најважната алатка на надворешното дејствување на Европската Унија и македонското евроинтегративно досие како клучно за кредибилитетот на Унијата беа темите на денешните средби во Берлин на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) – Стефано Санино и со државниот секретар во германското МНР, Мигуел Бергер.
Средбата со генералниот секретар Санино се одржа на маргините на годишната конференција на ECFR Советот во којшто членуваат и двајцата соговорници.
Генералниот секретар Санино, како што соопшти СЕП, истакнал дека најважниот чекор напред во политиката на проширување е почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
На средбата со државниот секретар Бергер била реафирмирана цврстата германска поддршка за европската интеграција на Северна Македонија.
-Европската перспектива е лепакот што ги соединува прогресивните сили во регионот. Обновувањето на довербата во политиката на проширување е можно само преку успех во македонското европско досие, изјавил Димитров на средбата.
Државниот секретар Бергер нагласил дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалициониот договор на новата Влада.
На маргините на годишната конференција на ECFR Димитров имаше средба и со новоназначениот, иден претседавач со Минхенската безбедносна конференција, германскиот дипломат Кристоф Хојсген кој ќе го наследи амбасадорот Ишингер.
Димитров и Хојсген, како што соопшти СЕП, разговарале за проширувањето на ЕУ низ призмата на обезбедување стабилност и сигурност. Во тој контекст, претседавачот Хојсген ја истакнал важноста на Преспанскиот договор како еден од столбовите на регионалната безбедност и соработка на Западниот Балкан и пошироко.
Работната посета на Берлин ќе биде заокружена со првата средба со новоименуваната министерка за Европа Ана Лирман и состанок во берлинската канцеларија на тинк тенкот Европска иницијатива за стабилност (ESI).