На пикникот што го организираше Македонската православна црква „Св. Димитрија“ од Флорида на 11 март 2018 година, беше претставено јубилејното издание на монографијата за македонскиот национален деец, иселеник и повратник од САД, Атанас Близнаков, чиј автор е публицистот Славе Катин. Промоцијата се одржа по повод 40-годишнината од формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје..
Монографијата, чиј рецензенти се: Ректорот Проф.д-р Никола Јанкуловски и проректорот Проф. м-р Гордана Јосифова – Неделковска е на македонски и англиски јазик, а е издание на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Делото беше претставено пред голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија, особено од Д’мбенското друштво и од селото Д’мбени, Костурско, од каде потекнува донаторот Атанас Близнаков.
Ова беше четврто претставување на монографијата „Атанас Близнаков“ на северноамериканскиот континент. Делото е посветена на животот и делото на најголемиот македонски донатор во иселеништвото ¬ Атанас Близнаков (15.12.1901 – 10.07.1998). Тој е еден од познатите и признатите македонски иселеници – повратници, кој ја формира најголемата фондација во Македонија, од која околу 350 студенти завршиле универзитетско образование.
Според авторот, Атанас Близнаков припаѓа на онаа напредна генерација од првите доселеници на американскиот континент, која далеку од својата родна земја, со целиот свој живот и со целото свое битие остана трајно врзана со својот македонски народ и со Македонија.
Донаторот Атанас Близнаков не бил обичен печалбар туку како личност настојувал да навлезе во суштината на македонската судбина, слобода и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше. Затоа со право се вели дека неговата фондација претставува пример, поттик и инспирација за Македонците во иселеништвото и во Република Македонија, рече авторот.