Амбасадорката при Мисијата на Република Северна Македонија при Европската Унија, Агнеза Руси и комесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади на ЕУ, Марија Габриел, го потпишаа Договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за учество на Северна Македонија во Креативна Европа (2021 – 2027).
-Со потпишувањето на Договорот, нашата држава стана полноправна учесничка во новата програма на Унијата наменета за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, велат од Министерството за култура.
Програмата е усвоена на 28 мај 2021 година од страна на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија. „Креативна Европа 2021 – 2027“ се состои од три дела/потпрограми: Култура, МЕДИА и Меѓусекторски дел.
-Програмата ја препознава културната разновидност како главен приоритет преку кој треба да се одговори на предизивиците со кои се соочуваат културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор денес. Приоритети на програмата се: заштита, развој и унапредување на културната и јазичната разноводност и наследство, како и засилување на конкурентноста и на економскиот потенцијал на културните и креативните сектори и на аудиовизуелниот сектор. Програмата стреми кон усогласување на овие приоритети со подемот на дигиталните, инклузивните и еколошките политики на Европската Унија во смисла на обезбедување нивна одржливост, истакнуваат од Министерството за култура.
![]()
Буџетот на Европската Унија обезбеден за оваа програма изнесува 2,44 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година.
-Финансирањето на Европската Унија во рамки на различните акции на програмата се движи од 80 до 40 отсто што е потврда за високото учество на неповратни средства и високиот износ на максимални средства за одобрени проекти. Програмата нуди можност за различни видови поддршка на релевантните сектори и опфаќа многубројни целни групи како потенцијални учесници во проектите (културни и креативни сектори, аудиовизуелен сектор, образовни институции, граѓански здруженија, општини и локални институции, приватни организации и др.), велат од Министерството.
Оттаму потенцираат дека импактот што се остварува со резултатите од имплементираните проекти претставува значајна поддршка во развојот на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор на национално ниво.
-Креативна Европа овозможува максимална транспарентност и видливост на проектите и нивниот импакт, потенцираат од Министерството за култура.
Програмата на национално ниво се спроведува преку Канцеларијата за Креативна Европа при Министерството за култура (Потпрограма Култура) и Агенцијата за филм (Потпрограма МЕДИА). Канцеларијата функционира како советодавно и информативно тело за спроведување на програмата.