Алтернатива добива тројца министри, парламентарното мнозинство уште четири пратеници

Парламентарно мнозинство од 64 пратеници и нов состав на Владата во која Алтернатива ќе има тројца министри и тројца заменици-министри. Тоа е постигнато со договорот оваа партија да биде дел од владејачката коалиција. Лидерот  Африм Гаши вчера потпиша програма за заедничко дејствување и приклучување во Владата со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, кој најави дека заминува од двете функции.

Партиската ќе ја напушти со конгресот на партијата на 12 декември, кога ќе биде избран негов наследник на чело на СДСМ, а од премиерската – за неколку недели односно кога ќе стане извесен успешниот епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно наоѓање решение со Бугарија.

Останувањето на функциите на кои даде оставки по Локалните избори го пролонгирал затоа што, рече, „процесите важни за државата не треба да останат на сред пат“. На заедничката прес-конференција со Гаши, Заев истакна дека ќе направи сè  да се изнајде решението со Бугарија, а сега е најдобриот период.

-Ако не се најде сега, не верувам дека ќе се најде во 2022 година. Меѓу 14 декември и 15 јануари е периодот кога може да се одржи Советот за општи работи. Тоа е можност да се исчекори напред и, конечно, по 16 и пол години да почнеме преговори. Во прашање се недели. Ова е најпозитивен период да се изнајде решение. Најважно за мене е  евроатлантскиот пат и ова што е почнато со Бугарија. На крајот сме, во фотофиниш, и не може вака да се остави. Јасно е утврдена целта кога тоа може да се заврши. Следува период кога Франција ќе претседава и изборите кои таму ќе бидат напролет, така што мал е периодот да се најде прозорец за решение на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, истакна Заев. Нагласи дека е горд на одлуките што ги донел во својот мандат иако, рече, „тие имаат и своја тежина“.

На официјализирањето на договорот, кој следуваше по три нивни средби, лидерите на двете партии истакнаа дека со четирите пратеници на Алтернатива државата излегува од политичката криза, обезбедено е стабилно парламентарно мнозинство и нема потреба од предвремени парламентарни избори, туку редовни во 2024 година.

Парламент со мнозинство пратеници, нагласија Заев и Гаши, ќе обезбеди стабилност за клучни политики, носење важни закони, решенија за енергетската и пандемиската криза, како и гласање на Буџетот за 2022.

– Убеден сум дека со 64 пратеници ја имаме најсилната гаранција за стабилно парламентарно мнозинство, а верувам и дека може да расте. Моето останување во овој дополнителен период е заради обезбедување на мнозинството и мислам дека оваа работа ја завршувам. На 12 декември мојата партија СДСМ ќе има нов претседател, истакна Заев.

За составот на новата Влада ќе одлучува новиот мандатар и тоа ќе биде по неколку недели, како што рече, „откако ќе биде извесно со Бугарија“.

-Владата околу крајот на годината ќе биде предложена, мојата оставка ќе биде депонирана, кога ќе почне и постапката за предлагање на новата Влада во Парламентот. Тоа се 20-ина дена од сега,  соопшти Заев.

Алтернатива во следните неколку недели, рече тој, ќе почне да ги презема одговорностите во институциите. Договорено е партијата да добие тројца министри – за здравство, информатичко општество и еден министер без ресор и тројца заменици министри – за образование, култура и еден за ресор што дополнително ќе го договорат. Партијата на Гаши ќе добие и  функционерски места во повеќе централни и подрачни институции, меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници, Клиничкиот центар во Тетово, Агенцијата за странски инвестиции….

За кадровските решенија ќе решава Централното претседателство на Алтернатива откако ќе поминат  внатрепартиските консултации за имињата со кои ќе учествуваат во извршната власт.

Според Заев, договорот е постигнат поради заедничките програмски определби и може да потврди, рече, дека „Алтернатива добива доста повеќе значајни одговорности во извршната власт“.

Гаши додаде дека  во преговорите не условувале со број на членови во Владата и со функции, затоа што, нагласи, „немаат уценувачки пристап“ и единствено се раководеле за доброто на државата.

Неговата политичка партија, рече Гаши, се соочила со две опции – нови избори, продлабочување на кризата и губење на шансите за интегрирање на земјата или одлука да ѝ се помогне на актуелната власт и на државата.

Соопшти и дека „им остануваат докрај верни“ на коалициите со кои заедно настапиле на Локалните избори – Алијанса за Албанците и онаму каде што поддржале независен кандидат.

-Нашите гласачи гласале за тие кандидати. Ние унилатерално нема да ги прекинеме овие коалиции, сè  додека од другата страна нема раскинување или се искаже недоверба или унилатерално ја прекинат соработката со Алтернатива. Тогаш ќе бидеме принудени да функционираме поинаку, одговори Гаши на прашањето за соработката со досегашните коалициски партнери.  

По потпишувањето на договорот реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според која „наместо партија која сака да промени нешто во општеството и да стане коректор на искривените вредности, Алтернатива станува партнер на криминалната дружина на власт СДСМ и ДУИ“.

-Јавноста не треба да наседнува на фолклорот на СДСМ и Алтернатива. Тоа е само завесата со којашто тие упорно манипулираат со чувствата на граѓаните, а зад таа завеса се функциите и министерствата коишто си ги делат и кои им носат приходи, рече партискиот портпарол Наум Стоилковски.