Формирањето нова влада во Софија останува услов за интензивирање на дијалогот со Скопје за надминување на спорните билатерални прашања и повлекување на деблокадата за старт на пристапните преговори со ЕУ. Според роковникот од уставните одредби најрано тоа е теоретски можно да се случи на 15 декември.
Претседателот на Бугарија Румен Радев на средба со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер во Стразбур, меѓу другото, размениле мислења и за европската перспектива на Република Северна Македонија, при што Радев го изразил очекувањето на Софија за активен билатерален дијалог на високо ниво со Скопје, во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.
Радев, на својот германски колега, му посочил дека Северна Македонија мора да покаже европска зрелост и почит кон вредностите на ЕУ со преземање конкретни активности за ставање крај на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции и јавните медиуми, да престане со фалсификување на бугарското културно и историско наследство и особено за почитување на правата на своите граѓани, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.
Вицепремиерот Никола Димитров за очекувањата и најавите во декември да се случи деблокада на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, на состанок на Советот за општи работи на ЕК, пак, посочи, дека за да не се разочараме, подобро е да не очекуваме добар исход. Но, додава, мора да продолжиме да работиме.
– Одговорно е од нашата страна да упатиме апел до граѓаните дека е подобро да бидеме изненадени од добар исход, отколку пак да бидеме разочарани од лош. Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи, до ГАК, 14 декември, мислам дека е крајно неодговорно било какви очекувања да создаваме тогаш. Формата, одржувањето на Советот е помалку важна. Ако успееме да дојдеме до едно достоинствено, европско решение, затоа што прашањето почна толку да боли насекаде, што веројатно ќе има волја кај сите, вклучувајќи го и словенечкото претседателство, да се закаже и вонреден ГАК. Не смееме, после целото искуство што го имаме да се врзуваме за датуми. Мислам дека сигналите од Софија упатуваат дека очекуваат некаков процес, во билатералните односи кој чекор по чекор ќе помогне да се затвори прашањето. Кај нив очигледно уште парламентот ќе има улога, такви се најавите, рече вчера Димитров.
Според Димитров, сега е важно да се одржи средба со новата влада во Софија, која ќе ги даде натамошните насоки за надминување на билатералниот спор.
Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов вчера во Штип изјави дека треба да се остави да се формира владата, за потоа да се дојде до решение за разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
-Разговорите продолжуваат, тие никогаш не запреле и се водат доверливо меѓу двете министерства за надворешни работи. Се надевам дека ние ќе добиеме нова влада. Утре е првата сесија на новиот Парламент на Бугарија и се надеваме дека новата политичка влада ќе постигне договор со Владата на Северна Македонија. Треба да оставиме да се формира владата, затоа што во Парламентот има седум политички партии и е многу тешко постигнувањето на решение. Така што, се надевам дека прво ќе избереме влада за да може да се дојде до решение, рече Ангелов, на новинарско прашање при посетата на Штип, за надминување на билатералниот спор и за тоа дали бугарската страна ќе има нов пристап во разговорите.
Милан Предан амбасадор на Словенија која е актуелен претседавач со ЕУ изјави дека се уште е оптимист за старт на преговорите на Северна Македонија, според коги има можност за одлука во декември која би можело да се формализира во јануари, само доколку Бугарија состави влада, вели
-Ние како претседателство го делиме мислењето со мнозинството земји во ЕУ дека не треба да има раздвојување меѓу Северна Македонија и Албанија бидејќи тоа ќе биде лоша порака за регионот. Ние сме се уште оптимисти и мора да признаеме дека се уште нема влада во Бугарија, но и јасно парламентарно мнозинство тука. За да се дојде до решение треба двете земји да се поактивни. Се надевам дека Скопје и Софија ќе може да дојдат до компромис по билатералните прашања. Во следните денови ќе има нов дијалог помеѓу експертските групи. Има можност за одлука во декември која би можело да се формализира во јануари, само доколку Бугарија состави влада, вели Предин во рамки на панел-дискусијата на Универзитетот Американ Колеџ Скопје на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“.
Единствена мерка за нивниот успех, како што вели Предан, ќе биде ако Северна Македонија до крајот на словенечкото претседателство ги почне преговорите за членство во ЕУ. -Ние сторивме се што можеме. Силно верувам дека ќе ги започнете преговорите, ако не во декември, тогаш за многу брзо време, нагласува словенечкиот амбасадор.
И амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Рејчел Галовеј која вчера присуствуваше на дебата во Тетово изрази надеж дека со составување на Владата во Бугарија интензивно ќе продолжи евроатлантскиот процес за Северна Македонија.
–Мислам дека земјата е во право што продолжи да цели кон евроатлантските интеграции. Постојано политичките партии и населението говореа дека тоа е насоката во која сакаат земјата да оди. Очигледно, тоа беше одложувано во последните години од различни причини. И сега бугарскиот политички процес сè уште не е завршен, но штом ќе се формира влада, се надевам дека ќе има брзо придвижување, изјави Рејчел Галовеј.
Денеска треба да се одржи првата седница на новоизбраното 47. Народно собрание на Бугарија, која ја закажа претседателот Румен Радев.
Во пресрет на седницата четирите формации кои преговараат за формирање ново парламентарно мнозинство и бугарска влада – „Продолжуваме со промената“, БСП, „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“ се договорија претседавачот на 47. Народно собрание да ротира секоја година, а според договорот што го објавија бугарските медиуми, претседател првата година ќе биде лидерката на БСП Корнелија Нинова.
Бугарското издание на „24 часа“, пак, пишува дека теоретски е можно да се гласа за новата влада во земјата на 15 декември, но многу е малку веројатно нејзиниот избор да биде поврзан со претстојниот Европски совет на 16 и 17 декември. Потоа, според објавувањето на дневниот ред на последната средба на европските лидери оваа година се очекува да биде прашањето за почеток на преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, кое во моментов е блокирано од Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, пред овој датум нема да има нова бугарска влада, дури и ако е постигнат договор за имињата на идните министри меѓу четирите коалициски партнери.
Уставната процедура најпрво предвидува претседателот на Бугарија да има консултации со сите парламентарни партии, а бидејќи сега има седум партии во новоизбраното 47. Народно собрание, тоа би траело најмалку два дена. Така, најраниот можен датум на кој претседателот на Бугарија Румен Радев може да го предаде првиот мандат е на 8 декември. Потоа започнува седумдневен период во кој победникот на парламентарните избори во Бугарија – „Продолжуваме со промената“ мора да предложи свој кандидат за премиер. Тоа значи дека на 15 декември може да се гласа за нова бугарска влада и новиот премиер на државата да учествува во Советот, но без да има време да се подготви за средби со европските колеги и да не биде детално запознаен со позициите на Бугарија.
Според извори во изданието, изборот на новата бугарска влада може да биде продолжен за тактички цели – доколку на состанокот во Брисел Бугарија не ја претставува новиот премиер, туку претседателот Румен Радев, нема да има очекувања за јасна бугарска позиција.