Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Соединетите Мексикански Држави и на Малезија во Република Северна Македонија.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на новиот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави, со седиште во Белград, Карлос Исауро Феликс Корона, претседателот Пендаровски истакна дека билатералните односи и соработката меѓу двете држави традиционално се базираат на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување.
Додаде дека постојат низа можности за нивно унапредување особено во културата, образованието, туризмот и економијата.
– Во таа насока искрено се надевам дека и Вие, преку Вашиот иден ангажман, ќе придонесете кон нивно севкупно зајакнување, внесувајќи притоа и нови содржини, преку поинтензивен политички дијалог, комуникација меѓу парламентите, збратимување на локално ниво и зајакната економска соработка, рече претседателот Пендаровски.
Мексиканскиот амбасадор истакна дека годинава се одбележуваат 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, нагласувајќи дека активно ќе се залага да промовира ново поглавје на разбирање и соработка меѓу Мексико и Северна Македонија засновано на долгогодишно и силно пријателство и разбирање.
– Мексико како 15-та економија во светот, со разновидна и отворена економија, е сигурен трговски партнер на Северна Македонија во нејзината визија да ги диверзифицира своите економски врски во другите региони во светот. Промоцијата на меѓусебните трговски и инвестициски можности е друга важна задача во мојата работна агенда, рече амбасадорот на Мексико.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на Франциско Мунис, новиот амбасадор на Малезија со седиште во Будимпешта, претседателот Пендаровски истакна дека двете држави негуваат пријателски врски, при што, Северна Македонија придава внимание на развојот и унапредувањето на севкупните односи со Малезија, на билатерален и на мултилатерален план.
– Цврсто сум убеден дека, освен заедничка желба, постои и голем потенцијал да ги развиваме и унапредуваме меѓусебните односи. Ова особено се однесува на соработката во делот на туризмот, културата и економијата, каде Република Северна Македонија, со поволностите кои ги нуди, би можела да претставува влезна врата за малезиските производи во регионот на Југоисточна Европа, потенцира претседателот Пендаровски.
Истакнувајќи дека очекувањата и потенцијалот на економското и деловното партнерство се ветувачки, особено во областа на прехранбената индустрија, туризмот и културните размени, амбасадорот Мунис нагласи оти двете земји одржуваат практична соработка на мултилатерално ниво, каде што се посветени на решавање на меѓународните прашања на фер и правичен начин.
– Во таа насока, Малезија и Северна Македонија ќе продолжат да негуваат срдечни односи со сите земји и да соработуваат во сите сфери во однос на глобалните прашања, како во рамките на Обединетите нации, така и во рамките на други меѓународни платформи, наведе амбасадорот Мунис.
Претседателот Пендаровски на новите амбасадори на Соединетите Мексикански Држави, Карлос Исауро Феликс Корона и на Малезија, Франциско Мунис им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција. цр/ац/