Пендаровски – Дуда: Северна Македонија може да смета на поддршката на Полска за ЕУ-интеграцијата

Република Полска ја покажува својата солидарност кон Република Северна Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ. Двете држави како членки на НАТО заеднички споделуваат и покажуваат солидарност, но нашата поддршка продолжува и понатаму, истакна полскиот претседател Анджеј Дуда на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателот Стево Пендаровски.

Дуда искажана благодарност за солидарноста од С Македонија и од претседателот Пендаровски во делот на проблемите на границата со Белорусија со кои во моментов се соочува Полска.

-Ваквата солидарност има свои историски корени, најпрво во времето на Граѓанската војна во Грција кога голем број бегалци беа примени во мојата држава, а исто така и во 1963 по разорниот земјотрес во Скопје кога Полска повторно во солидарност со Република Македонија достави помош, како и денешната донација на голем број дози на вакцини Фајзер. Чест ми е што можам да кажам дека таа солидарност продолжува и денес. Република Полска ја покажува својата солидарност кон Република Северна Макеоднија на патот кон нејзиното членство во ЕУ. Чест ми е што и двете држави сме членки на НАТО и таму заеднички споделуваме и покажуваме солидарност. Но, нашата поддршка за Северна Македонија кон ЕУ продолжува и понатаму. Тоа е нешто во кое што јас за време на пленарниот состанок го уверив претседателот Пендаровски, рече Дуда.   

Тој подвлече дека е факт оти во моментов се случува хибриден напад на границата на Полска која е и граница на НАТО, односно станува збор за Полска, Литванија и Латвија.

– Нападот е насочен кон полската граница која што имаме должност да ја обезбедуваме, но и секако да ја одбраниме територијата на Република Полска од нелегалната миграција. Ги правиме сите наши напори во поглед на тоа прашање и секако дека е од огромно значење поддршката која што ја добиваме од ЕУ и од НАТО која што и понатаму очекуваме да ја добиваме. Исто така во моментов би сакал да искажам и благодарност до претседателот Пендаровски за неговото разбирање за овој клучен проблем со којшто во моментов се соочува мојата држава, рече Дуда.

Пендаровски истакна дека Полска отсекогаш била наш силен и гласен поддржувач и покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме при тоа прави напори да помогне во надминување на препреките со кои се соочуваме не само билатерално туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членуваме, а во контекст на евроинтергациите..  

-Веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширување ќе биде претстојниот Совет за општи работи на ЕУ во декември и можноста да направиме исчекор на тој пат. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и просперитетот на целиот регион и дополнителен поттик за реформските процеси. Затоа во разговорите се осврнавме и на прашања кои се однесуваат на актуелната ситуација во регионот на Западен Балкан и во таа прилика ги споделив со претседателот Дуда нашите гледишта во врска со регионалните предизвици и отворените прашања, рече Пендаровски.  

Покрај ова, како сојузници во НАТО двајцата размениле мислења и информации и за актуелната состојба на полско-белоруската граница при што Пендаровски истакна дека изразил целосна поддршка за надминување на ситуацијата.

-На претседателот Дуда му ја изразив нашата целосна солидарност и поддршка за надминување на оваа ситуација. Потврдив дека за нас како држава се целосно неприфатливи постапките на раководството на Белорусија со кои се оркестрира оваа хуманитарна криза. Продолжуваме да ја разгледуваме ситуацијата во рамките на НАТО и повикуваме на итно запирање на сите активности насочени кон натамошна дестабилизација на ситуацијата на границата на нашите сојузници Полска, Литванија и Латвија. 

Во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, претседателот Дуда ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на Владата Зоран Заев. Пендаровски и Дуда ќе присуствуваат и ќе имаат обраќања на Македонско-послиот бизнис форум што ќе се одржи во хотел  Мериот.

Двајцата претседатели ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“.