Ќучуков: Прекраток е рокот за повлекување на бугарското вето пред Самитот на ЕУ

Бугарија е под многу силен меѓународен притисок да го повлече ветото за Северна Македонија, изјави за БНТ поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Ќучуков. Тој, сепак, смета дека рокот за тргање на ветото за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ е прекраток, јави дописникот на МИА од Софија.

– Во сегашните услови, кога во Бугарија претстојат преговори за формирање влада, нема начин да се донесе таква одлука пред самитот на ЕУ, вели Ќучуков.

Поранешниот висок бугарски дипломат смета дека е важно да се види дали декларираниот став на лидерите на „Промената продолжува“ Кирил Петков и Асен Василев за „нов пристап“ во преговорите со Република Северна Македонија, ќе се трансформира во евентуалната коалициска платформа на идната бугарска влада или ќе стане нејзина официјална политика.

Според него, позитивен е фактот што е изразена подготвеност за дијалог од страна на Бугарија, бидејќи дијалогот е единствениот начин да се најде решение.

Коментирајќи ја позицијата на Бугарија за Северна Македонија, Лубомир Ќучуков вели дека Франција и Холандија го користат она што се случува за да се претстават како позитивно настроени кон проширувањето.

За секоја земја е полтички непријатно да биде сопирачки фактор за проширувањето на ЕУ, а Бугарија, според поранешниот министер за надворешни работи, зазеде токму таков став.

Тој смета дека во пракса Бугарија ја изгубила сета своја предност како земја членка на ЕУ, бидејќи ниту една земја од Унијата не ја поддржува Софија.

Сепак, вели Ќучуков, Бугарија во последните шест месеци го преакцентира својот пристап кон Северна Македонија, откако во март годинава претседателот Румен Радев стави фокус на заштитата на човековите права на македонските Бугари.

– Така Бугарија успеа да излезе од кружната одбрана, и веќе понуди начин како да се реши проблемот. Меѓутоа, Бугарија мора да работи на изнаоѓање решение и тоа мора да биде взаемно и по пат на дијалог. Бугарија е заинтересирана да се најде такво решение бидејќи времето работи против бугарскиот интерес, изјави Љубомир Ќучуков.