Покрај нашите заеднички цели за стабилност, безбедност и просперитет на ЈИЕ и регионот на Арапскиот Залив, Северна Македонија и ОАЕ имаат просперитетна етничка различност и ја споделуваат истата политика на толеранција со цел градење општества во кои се негуваат етничката и верската различност, истакнал претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со Шеикот Нахјан Бин Мубарак Ал-Нахјан, министер за толеранција и соживот на Обединетите Арапски Емирати.
Ова, како што потенцира Џафери, е предност и важна заедничка вредност, не само за христијанското или муслиманското население, туку и за припадниците на другите вероисповеди, кои уживаат рамноправен третман.
Спикерот Џафери, како што пренесува известувачот на МИА, истакна дека во духот на одличните односи меѓу двете земји кои имаат доста сличности од аспект на мултиетничкиот карактер, треба да се работи на споделување на искуствата и промовирање на оваа карактеристика како силна придобивка.
Нашата земја, додаде тој, ја признава позитивната улога на ОАЕ, која преку директната хуманитарна и развојна помош ефективно влијае на економскиот раст и благосостојбата на државите од Западен Балкан.
– Високо ја цениме конструктивната позиција на ОАЕ во напорите за стабилизација во регионот на Блискиот Исток, со цел постигнување траен мир и стабилност, рекол Џафери.
Министерот Шеик Мубарак Ал-Нахјан позитивно ги оценил нашите постигнувања на овој план, ја истакна силната и недвосмислена поддршка на ОАЕ во градењето на просперитетна држава која не само што ќе биде рамноправен партнер во билатералните односи, туку изрази и уверување дека ќе биде почитуван меѓународен партнер со проактивна позиција во решавањето на светските предизвици.
Посетата на македонската делегација, според него,се реализира во вистинско време кога се создадени услови за зајакнување на меѓусебните односии отинашата земја е со посебно значење за ОАЕ, земја која силно ја поддржуваат и стојат зад неа, со цел јакнење на државата и креирање на просперитетна и стабилна земја.
Двајцата соговорници изразиле очекување дека одличното ниво на дијалог, соработка, меѓусебно почитување и разбирање ќе продолжи со иста динамика во иднина, што ќе резултира со корисна соработка во сите области од заеднички интерес, бидејќи двете земји ги поддржуваат истите заложби за мир и стабилност, регионално и глобално.
Со оваа средба Џафери и собраниската делегација ја завршија посетата на Обединетите Арапски Емирати. Домаќин на Џафери и на собраниската делегација им беше неговиот колега, спикерот на Федералниот национален совет Сагар Ал – Гобаш. Вчера Џафери и пратениците го посетија македонскиот павилјон на Дубаи Експо 2020.