Победничката коалиција на изборите во Бугарија, Промената продолжува (ПП) има капацитет и визија за формирање влада, но ги чекаат тешки преговори со коалициските партнери – Бугарската социјалистичка партија (БСП), Демократска Бугарија (ДБ) и Има таков народ (ИТН). Новата влада не се очекува пред крајот на декември, што го стеснува просторот за повлекувањето на ветото за страт на преговорите на земјава со ЕУ до крајот на годинава и покрај најавениот нов пристап во разговорите со Скопје, оценуваат македонски и бугарски политички аналитичари и познавачи на состојбите на Балканот.
Бугарскиот политиколог и професор на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, Огнен Минчев во однос на можностите за формирање влада од победниците на ноемвриските избори посочува дека ситуацијата сама по себе е слична на резултатите од изборите на 11 јули. Една од т.н „протестни партии“ се најде на прво место и ќе добие можност да формира влада. Разликите, вели тој, главно се во тоа што наместо популистичката партија на шоуменот Слави Трифонов, која победи на 11 јули и која нема капацитет да преговара со своите партнери и да ја води државата, на 14 ноември победи друга популистичка партија, предводена од двајца едуцирани и компетентни економисти со добро образование и визија што треба да се направи за да се реши политичката и институционалната криза во Бугарија.
– Кирил Петков и Асен Василев се уште немаат своја партија, но се потрудија на своите листи да ангажираат луѓе од помладите генерации со добро образование и постигнати резултати – успеси во нивниот кариерен развој. Слабата врска меѓу двајцата лидери и оваа група стручни професионалци кои ги номинираа за пратеници може да биде проблем на долг рок. Од денес главен проблем на двајцата победници ќе бидат преговорите со уште три партии, со кои сметаат дека е единствено можно формирање влада – Демократска Бугарија (ДБ), Има таков народ (ИТН) и БСП. Победниците одбиваат партнерство во формирање на кабинет со Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Движењето за права и слободи (ДПС), како партии од владејачкото статус кво. Партиите – потенцијални партнери на Промената продолжува (ПП) изгубија гласови на сметка на победниците, кои успеаја да привлечат голем дел од нивните гласачи од претходните избори. Сепак, се смета дека е сосема веројатно дека ДБ и БСП сериозно ќе се заложат за преговори за нова влада, вели Минчев.
Тој гледа проблем во популистите од ИТН, кои како што вели, се непредвидливи, бидејќи се сметаат за проект на политички инженеринг на задкулисни корпоративни интереси, што го прави возможно секое однесување од нивна страна – и да се приклучат на напорите на ПП за формирање нов кабинет и да ги торпедираат овие напори од причини кои е тешко да се предвидат. Доколку се случи второто, анализира Минчев, Петков и Василеб ќе имаат можност да побараат поддршка или од ГЕРБ и ДПС или од екстремната националистичка русофилска партија Преродба, што е малку веројатно, а тоа би значело продолжување на политичката криза.
Бугарскиот аналитичар и магистар на Универзитетот во Амстердам, Александар Малинов е дециден дека бугарското општество очекува формирање влада, која веднаш ќе почне да работи на неколку актуелни тешки кризи. Сепак, нагласува тој, коалицискиот договор ќе биде тежок, бидејќи ќе бара заеднички ставови на најмалку четири партии – ПП, ДБ, БСП и ИТН. И додека победниците се во еуфорија, другите три партии, вели тој, забележаа лоши резултати и се во процес на внатрешни превирања, што може да им ги искомплицира позициите во текот на преговорите. Клучни ќе бидат разговорите за коалициски договор, кои се очекуваат во наредните денови и недели.
И Ангел Петров, новинар на софиски Дневник.бг, исто така оценува дека формирањето на влада може да се покаже како тешка задача, но смета и дека ретко кој од играчите во Парламентот во моментов е заинтересиран за нови избори.
– Помеѓу другите потенцијални коалициски партнери, БСП, е во многу тешка ситуација, соочена со избор на нов лидер, но може ќе и најсрасположена за разговори, бидејќи сака да биде на власт по толку долга пауза. По губењето на повеќе од половина од гласовите во однос на април, ИТН ќе размислува за својата база додека ја гради својата нова стратегија, а ДБ чиј дел од гласачкото тело го вшмука ПП, ќе направи сериозни напори да не се обезличи и да не се претопи во формацијата на Кирил Петков и Асен Василев. Ова ќе го усложни процесот, но веројатно нема да го блокира – ретко кој од играчите во Парламентот во моментов е заинтересиран за нови избори, вели Петров.
Повлекување на ветото од Софија и старт на преговорте со ЕУ во декември?
Според Минчев, засега не може да се даде директен одговор на ова прашање. Бугарската позиција, вели тој, тешко може радикално да се промени за кратко време, но она што може да се направи е овој став да се формулира многу појасно како услови за поддршка на Скопје за почеток на преговорите.
– Се надевам дека, со добра волја, може да се направат значајни чекори од двете страни кон договор за деблокирање на процесот. Еден од неопходните фактори за тоа е јасна посветеност на понатамошните фази од преговорите – „патокази“, што ќе ги приближи позициите на двете земји и ќе овозможи да се постигне договор за формата на пристапување на Скопје во ЕУ, вели професор Минчев.
За Малинов, пак, тоа што сè уште не е закажан датум за првата седница на Парламентот и нема коалициски договор – значи дека тешко оти бугарското вето ќе биде повлечено во декември годинава. Но, дури и да се одложи почетокот на преговорите, добрата вест за двете земји може да биде, како што вели, запирањето на агресивниот тон и зајакнување на соработката на различни теми, како што се инфраструктурата, инвестициите и регионалната безбедност.
Петров е подиректен, не очекува тоа да се случи поради начинот на кој бугарското Министерство за надворешни работи моментално го формулира прашањето. Шансата, вели тој, се намалува бидејќи шефот на дипломатијата Светлан Стоев продолжува да зборува за вклучување на Бугарите во Уставот како услов, а нема време тоа да се постигне за еден месец, зашто не може да се случи без гласање во македонскиот парламент за промена на Уставот, што во моментов е невозможно. Во принцип, додава тој, промената е можна, но без исклучително силен надворешен притисок, би било тешко тоа да се направи брзо.
– Што се однесува до ПП, од една страна, навистина е забележлив двосмислениот одговор на Петков, но од друга, тој се уште е далеку од тоа да ги постави темелите на новата политика за која станува збор, ниту да зборува за хипотетичкиот компромис во средината на декември. Прво, дотогаш можеби нема да има влада. Второ, Петков е пред влез во коалициски преговори и тешко дека му е во интерес да биде конкретен. Дури и ако се формира политичка влада која ќе ја преземе функцијата во текот на декември, не се знае ни дали новиот Парламент ќе може да донесе таква одлука, ни дали ќе има консензус во владата. Партиите веројатно ќе бидат внимателни, бидејќи веќе има играч кој бара да се пополни просторот на тврдокорниот говор против Северна Македонија на местото на ослабената ВМРО, а тоа е Преродба, смета Петров.
Новиот пристап во односите со Скопје за кој се залага Петков и ставовите на коалициските партнери
Нема да биде лесно да се постигне политички договор за оваа тема во Бугарија, вели проф. Минчев. Тоа, смета тој, ќе биде можно доколку Скопје ја прифати потребата за итно решавање на одредени клучни прашања од билатералните односи кои ќе ги деблокираат – вклучително и психолошки – позициите на двете земји. Меѓу овие прашања ги наведува статусот на бугарската заедница во Северна Македонија, отстранувањето на одредени позиции на „говор на омраза“ кон Бугарија од официјалната доктрина, официјалните документи и односите со јавноста во македонската држава и општество.
Според Малинов, во рамките на потенцијалната четирикратна коалиција, ПП и ДБ би имале поголем број пратеници од пратениците на БСП и ИТН, а тоа значи дека во коалициските преговори може да надвладее нов, прогресивен и пријателски пристап кон билатералните односи со Северна Македонија. Така што тешко дека разликите на партиите на оваа тема ќе ја расипат коалицијата, бидејќи за гласачите најважни области во моментов се реформите во судството и справувањето со корупцијата.
– Од своја страна, БСП и ИТН увидоа дека партијата која беше најагресивна во нападите врз Северна Македонија, ВМРО на Красимир Каракачанов, освои само еден процент од гласовите и тоа најверојатно ќе ги направи помеки за оваа тема. Цврстиот став на претседателот Радев, пак, потенцијално би можел да се смени при одмрзнувањето на билатералните односи, како што сака Кирил Петков и во случај на некои отстапки од Скопје, кои би можеле да му бидат претставени на бугарското општество како компромис, смета Малинов.
Сепак, нагласува тој, резултатите од изборите во Бугарија треба да се прифатат со умерен оптимизам во однос на билатералните односи и да не се заборави дека и во двете земји има силни антиевропски и антидемократски сили кои се подготвени да го попречат секој обид за напредок.
Ангел Петров смета дека ако се формира влада, прашањето за претседателот, според него, ќе биде како точно идниот нов пристап ќе се надоврзе на претходните напори за промена на фокусот на спорот – од историјата кон правата, што и да значи тоа и да не изгледа како промена под притисок.
– Румен Радев не би имал ништо против да закачи брош на реверот како човекот кој го отвори, иако на контроверзен начин, патот за деблокирање на преговорите и „го бранеше бугарскиот национален интерес“, истовремено создавајќи добра репутација во Европа заедно со Кирил Петков. Затоа мислам дека поголема пречка би можеле да бидат другите потенцијални коалициски партнери. Сепак, зависи што ќе им биде ветено за возврат за овој компромис, наведува Петров.
Новата влада во Софија – адреса каде ЕУ може да притисне за деблокада на проширувањето
Политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје за МИА коментира дека изгледите за формирање влада во Софија се дефинитивно најповолни од претходните циклуси и ПП заедно со БСП, ДП и ИТН имаат доволно мнозинство за тоа. Дополнително најавите за многу сеопфатен голем коалициски договор, како што и самите најавија на 800 страници, би гарантирал дека таа влада нема да биде така лесно порозна или расиплива, дека ќе истрае, што е важно за нас, како и за Бугарија, особено што партиите веќе изразија подготвеност за соработка.
Проблемот, вели тој, е што поради четирипартитната соработка, преговорите кои ќе се одвиваат преку експертски групи ќе одземат време, што нам не ни оди во прилог во смисла на тоа дека советите во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ во декември ќе поминат.
– Преговорите за формирање на влада во Бугарија поради тоа што се вклучени повеќе страни може да се пролонгираат со што ќе се надминат роковите, ќе се испуштат роковите за носење одлуки, односно за спуштање на некакво вето од страна на оваа бугарска влада во декември, бидејќи ќе ги пропуштиме состаноците со Европски совет. Тоа е главната маана на целата ситуација, вели Трошановски.
Следствено, тоа го остава Румен Радев на некој начин како раководител на оваа техничка, привремена влада, со мандат да го тргне ветото до крајот до декември, за што Трошански е скептичен судејќи, како што вели, по претходните негови настапи и ставот којшто го има кон земјава.
– Меѓутоа, за следната година и следниот период гледам голем прозорец на можности со ставовите коишто ги има премиерот во најава во Бугарија – Кирил Петков. Зошто? Затоа што новите принципи на работа на онаа меѓуекспертска комисија која што ја предвидува и самиот Договор ветуваат дека нема да заглавиме во историски интерпретации и дека ќе можеме да се фокусираме, да најдеме причини на двете страни, но особено на бугарска страна за продолжување на соработката, на преговорите, а со самото тоа и да најдеме аргументи за тргање на ветото од страна на Бугарија, вели Трошановски.
Тоа е нешто што всушност требаше и цело време да се прави, бидејќи, додава тој, таа Комисија и така е замислена како интердисциплинарна. – Тоа е нешто што и нашата страна во изминатиот период и околу словенечкото претседателство околу самитите на словенечкото претседателство го туркаше преку т.н. роуд мап или Акциски план којшто не подразбираше и не опфаќаше историски теми, туку теми во доменот на економска, културна, образовна и друга соработка и за жал поради политичките чинители на двете страни коишто беа на власт, мислам пред се на бугарска страна, се разбира, фокусот беше само на историски теми и сето тоа, односно тој пристап, ретрогаден да речам, ја заглави целата работа, вели политичкиот аналитичар.
Во однос на усогласувањето на ставовивите во новата владина коалиција по однос на новиот пристап кон спорот со Северна Македонија, Трошановски вели дека ДБ е секако на линија и е партијата која најмногу ја поддржува „соработка со Македонија, и нема да прави никакви проблеми без оглед на тоа што нејзиниот претседател понуди оставка поради слабиот резултат“. За ИТН во досегашниот период немаше толку јасни позиции, речиси за ништо, па вклучувајќи и за темата „Македонија“, така што не се знае како таа ќе се постави.
– Суштината е дека и Социјалистичка партија и ИТН во преговорите нема да може да го потиснат ова прашање на страна, бидејќи очигледно е дека добива исклучително голема политичка тежина и загрижува многу во регионот и секако мислам дека во една таква влада ќе може да ја поделат одговорноста од евентуално ретерирање во своите ставови изнесени за време на изборната кампања, односно дека има големи шанси да поддржат пофлексибилна позиција на Бугарија, смета Трошановски.
За тоа колку може да биде проблем ситуацијата со Парламентот во Скопје, очигледно е, вели тој, дека постабилно парламентарно мнозинство ако се избоксува од ова што го имаме сега, ќе продолжи да ја води земјата уште некој догледен период, а во тој период се опфаќа и можноста за решение во декември и можноста за решавање во првиот квартал на идната година за време на француското претседателство.
– Во таа смисла овие два прозорци на можност ќе влезат во мандат на оваа влада која што е посветена серозно во постигнување на овие решенија и компромис. Доколку парламентарното мнозинство не се зголеми и остане на ваквата кревка бројка, тогаш мислам дека не решавање на проблемот во декември сериозно ќе го зголеми притисокот за предвремени парламентарни избори на пролет, што ќе се поклопи на некој начин со можноста за решавање на прашањето во француското претседателство во првиот квартал од идната година и го отежнува исходот позитивен од целата работа бидејќи ние влегуваме во предизборие, оценува Трошановски.
И австрискиот аналитичар и професор на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, во изјава за дописникот на МИА од Брисел спроти третите предвремени параламентарни избори во Бугарија оваа година, оценува дека Софија ќе добие нова влада, што дава адреса каде да се фокусира притисокот од Европа во однос на деблокада на процесот на проширување и стартот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Не сум доволно компетентен за Бугарија, но ми се чини дека со бројот на изборни циклуси треба да очекуваме сега конкретен исход, после толку обиди се надеваме дека ќе доведе до некаква влада. Клучното прашање е што таа нова влада нема да се соочува со нов изборен циклус во блиска иднина, што ја олеснува работата за која било влада да заземе став за решавање на проблемот, но исто така, дава и адреса каде ЕУ да врши притисок. Затоа што досега се зборуваше со претседателот, но претседателот упорно се повлекуваше од договори. Ако имате влада имате соговорник кому можете да кажете дека треба да се направи нешто во однос на проблемот, вели Бибер.
Спорот со Бугарија може да се реши со нова влада во Софија и добра волја од сите страни, а ЕУ треба да и помогне на земјата да се повлече од својата позиција во спорот без да се чувствува понижено
– Тоа е иронијата. Тие што ја внесоа темата во процесот на беа наградени. Ова е одраз на вкоренета позиција во Бугарија кај многу политичари, така гледаат на прашањето. Има генерален проблем со недостиг на самосвест и размислување во Бугарија, тоа е првиот проблем. Вториот е што иако не е голем проблем за јавноста и не е голем проблем сам по себе, прашањето е како се повлекувате после тоа? Го имавме ова и со Грција долго време иако имаше поголема опсесија кај народот со името отколку во Бугарија сега, но истовремено прашањето е како се повлекувате од таа позиција без да изгледате слаб. Мислам дека тоа е вистинскиот проблем. И тука земјите на ЕУ можат да бидат од помош, да им понудат на Бугарите излез од ова за да не се почувствуваат понижено. Прашањето е дали и како, вели Бибер, коментирајќи ја незаинтересираноста на бугарските граѓани за националистичката реторика и упорноста на партиите да ја држат на маса.
Според конечните резултати на Централната изборна комисија на Бугарија, ПП победи со 25,67 отсто од гласовите, ГЕРБ е втора со 22,74 отсто, ДПС со 13 отсто, БСП е четврта со 10,21 отсто од гласовите, ИТН петта со 9,52 отсто од гласовите, пред ДБ со 6,37 отсто и Преродба со 4,86 отсто од гласовите. Во вториот круг од претседателските избори в недела влегуваат актуелниот шеф на државата, Румен Радев и независниот кандидат Анастас Герџиков поддржан од ГЕРБ-СДС. Во првиот круг Радев освои 49,41 отсто од гласовите, а Герџиков 22,82 проценти.