Со потпишување на Заедничката декларација со НАТО вчера во Скопје беше означено формалното заокружување на процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командите и во структурата на силите на Алијансата. Процесот не застанува тука продолжува со целосна модернизација на Армијата.
Потпис на документот на церемонијата во Вила Водно во присуство на претседателот на државата и врховен командант на Вооружените сили Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ставија командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Претседателот Пендаровски, порача дека за нас, патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси. Тој, меѓу другото, истакна дека со потпишувањето на оваа декларација формално го завршуваме процесот на воена интеграција со што постигнавме значајни резултати за само една и пол година од членството и го потврдивме нашиот кредибилитет. Меѓутоа, нагласи тој, комплетирањето на овој процес претставува успех и за Алијансата во целина.
– Сето ова не значи и крај на поширокиот реформски процес, напротив ова значи дека мора да продолжиме и да ја унапредуваме демократијата и функционирањето на мултиетничкото општество и при тоа да ги почитуваме постигнатите билатерални и мултилатерални договори, рече шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили.
Осврнувајќи се на состојбите во регионот, тој оцени дека присуството на НАТО е се уште неопходно, поради како што нагласи, фрагилноста во делови од Балканот.
– Последниве години Северна Македонија низ учество во различни регионални иницијативи ја демонстрираше својата заложба за воспоставување и унапредување на взаемно корисни односи со сите земји во регионот. Продуцирањето на нови спорови во регионот покрај веќе постоечките состојби во Косово и во БиХ не ни е потребно. Јасно е дека ако назадува Северна Македонија ќе назадува и целиот регион, а ако назадува Западен Балкан ќе назадува и Европа за сметка на другите глобални актери. Сметам дека во сложениов регионален контекст е се уште неопходно продолженото присуство на Алијансата во нашиот регион, бидејќи стабилноста во некои делови од Балканот е фрагилна, а некои прашања кои се од витално значење за регионалната безбедност со години стојат отворени, порача претседателот Пендаровски.
Генералот Филип Лавињ, изрази честитки за брзото и успешно завршување на военото интегрирање на државата во Алијансата, нагласувајќи дека Северна Македонија може да смета на солидарноста и поддршката на НАТО сојузниците.
– НАТО проширувањето се покажа како ефикасен механизам за одржување долгорочна стабилност и сигурност. Денеска изразуваме благодарност на Северна Македонија за придонесување за стабилноста во Југоисточна Европа и НАТО. Потпишувањето на Заедничката декларација претставува не само значаен успех за Вооружените сили на Северна Македонија, туку и го потврдува јакнењето на Северна Македонија како доверлив и значаен партнер на Алијансата, изјави Лавињ.
Министерката за одбрана Шекеринска, по повод потпишувањето на Заедничката декларација, порача дека денеска сме на крајот на патот од илјада милји, започнат пред 30 години, но и дека започнуваме нов пат за целосна модернизација на Армијата.
– Покажеме дека нашето членство во НАТО не беше само политичка одлука, туку резултат на крупни реформи. Оваа цел успеавме да ја постигнеме за 19 месеци од потпишувањето и претставува најбрза воена интеграција во Алијансата…Новиот пат, кој е пред нас, ќе биде исто така исполнат со тешки реформи и обврски прилагодувајќи се на новите предизвици, изградувајќи модерна армија дел од Алијансата, но и армија на една горда, иако мала нација, рече Шекеринска.
На потпишувањето, генерал-потполковник Ѓурчиновски, нагласи дека со Завршната декларација успешно завршува интегративниот процес што практично ја отсликува напорната тридецениска работа како држава и како Армија.
Претседателот на Владата Зоран Заев непосредно пред церемонијата за потпишување на заедничката декларација за интеграција на Република Северна Македонија во структурите на НАТО се сретна со генералот Лавињ при што истакна дека земјата посветено работеше на процесите кои ја овозможија воената интеграција со што таа гордо застанува рамо до рамо со нашите сојузници во НАТО.
На средбата на која присуствувала и министерката Шекеринска, станало збор и за придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, како придонесот за стабилноста во регионот кој гарантира инвестиции во државата, но и за придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО.
На потпишувањето на Заедничката декларација во понеделеникот и претходеше Финалната конференција на групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.
Секоја нова членка на Алијансата има обврска да го заокружи процесот на воена интеграција дефиниран со НАТО-директивата за прием на нова земја-членка согласно Националниот план за интеграција изработен од наша страна и НАТО – планот за поддршка.
Процесот на воена интеграција на Северна Македонија во НАТО започна по потпишувањето на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата. Процесот го следеше, координираше и имплементираше работна група составена од експерти, која работеше во седум области и тоа: администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука, вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на системот за воздушно набљудување со системот на НАТО и комуникациско-информациски системи и сајбер одбрана. При тоа се исполнети 193 задачи и подзадачи.
На законодавно ниво донесени се осум закони во Собранието, најголем дел од нив се веќе стапени во сила, еден меорандум за разбирање, За еден месец во НАТО-командите ќе бидат испратени првите шестмина наши офицери кои ќе бидат дел од НАТО-командната структура, позиции кои ни припааѓаат како членка на Алијансата. Во рамки на овој процес сертифицирани се над 150 офицери и преку 40 наши инструктури кои ќе го следат процесот на оценување на единиците.
Во делот на модернизацијата извршена е набавка на 152 борбени возила (ошкош и страјкери) од кои првите десеттина треба да пристигнат во почетокот на 2022 година, опремен е центар за контрола на воздушниот простор кој ќе биде ставен во функција на крајот од ноември. Потпишан е технички договор за „ер полисинг“, односно воздушното покривање со НАТО кој го спроведува Грција со која претходно е потпишан и билатерален договор. Во следните поголеми набавки се и хаубици за артилеријата, а во 2024 и на хеликоптери.
Во однос на буџетирањето за одбраната се остварува зацртаната динамика на негово зголемување од 0,2 проценти годишно. Оваа година тој изнесува 1,57, следната година треба да биде 1,77 од БДП, со цел до 2024 да достигне 2 отсто од БДП што е НАТО стандард.