Прашањето за парламентарното мнозинство останува отворено, партиите со меѓусебни обвинувања

Повик за проширување на парламентарното мнозинство за европска иднина на земјава, обелоденување на случај за нелегално финансирање на политичка партија, но и повик до институциите да извршат увид во наводното нелегално финансирање, го одбележаа вчерашниот ден на партиско ниво.

Позитивни вести испрати швајцарската компанија за управување со ризици „Глобал Риск Профајл“ (ГРП), чија студија ја издвои Република Северна Македонија како најмалку корумпирана од земјите во Западен Балкан. Според ГРП, земјава се наоѓа на 85-то место на листата, со индекс на корупција од 43,56 поени, пред Црна Гора на 89-то и Србија на 92-то место. Косово е на 122-та позиција, Албанија на 125-та, а Босна и Херцеговина на 131-та. Најмалку случаи на поткуп и корупција се откриени во Финска, а по неа следуваат Норвешка, Нов Зеланд, Данска и Шведска.

Повик за окрупнување на парламентарното мнозинство и обвинување за киданапирање пратеник

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби вчера пред отворањето на третото издание на културно-научната манифестација „Денови на азбуката“ изјави дека Владата е стабилна и ги повика пратениците кои сакаат да ја видат земјата во ЕУ да се приклучат кон парламентарното мнозинство.

– Ова парламентарно мнозинство, оваа Влада опстои и шансата да се добие датум за отпочнување на преговори на 14 декември веќе е реална. Сметам дека парламентарното мнозинство и пратениците кои ја поддржуваат евроатлантска Северна Македонија ќе расте и убеден сум дека во деновите пред нас и други пратеници ќе се придружат на ова парламентарно мнозинство кое ќе расте и ќе опстои за да ја спроведе програмата што ја поддржаа граѓаните на парламентарните избори, нагласи Груби.

Според Груби, „Левица“ била таа што вршела притисок врз пратениците да не ја искажат својата волја.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа „Груби да престане да глуми Европеец“, и, како што наведоа, „лажно да се прикажува како некаков фактор.

– Со Артан Груби и ДУИ може само да биде киднапиран пратеник, а не и да се интегрираме во ЕУ, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на изјавата на Груби.

И од СДСМ вчера информираа дека остануваат отворени за соработка со сите политички партии, особено со оние кои тежнеат кон исти вредности.

– Како политичка партија сериозна и посветена на демократските процеси во државата остануваме отворени за понатамошна комуникација со сите политички партии, особено со оние кои ги делиме истите вредности, изјави вчера пратеничката Славјанка Петровска, според која опозицијата го нема долго најавуваното парламентарно мнозинство.

Пратеникот на движењето „Беса“, Кастриот Реџепи, пак, кој не се појави во Собранието во четвртокот кога требаше да се гласа по иницијативата на опозицијата за доверба на Владата, најави дека денеска на прес-конференција ќе каже зошто не се појавил и ја повика матичната партија да не презема избрзани чекори кои ќе им нанесат штета на партиските структури.

Обвинување за „црни пари“ кај опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ повика институциите да истражат

СДСМ викендов излезе со обвинување за нелегално финансирање на партија. Пратеничката Славјанка Петровска на прес-конференција праша дали во новиот случај се вмешани лица блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Јавноста е запознаена дека Управата за финансиска полиција има отворено предистрага за нелегално финансирање на политичка партија. Станува збор за голем скандал. Според јавно објавените информации преку препродажба на ниви по десеткратно повисока цена обезбедени се милионски средства, на нелегален, криминален начин. Постои основано сомневање дека на крајот овие црни пари завршиле во белиот дворец, истакна Петровска, додавајќи дека очекува одговори од Мицкоски, но и надлежните институции.

Од ВМРО-ДПМНЕ експресно одговорија дека не се истражен орган и ги повикаа надлежните институции да го истражат случајот поради кој, според нив, бил извршен упад во домот на пратеник на денот кога требало да се гласа за недоверба на Владата.

-Истиот ден кога власта упадна во домот на пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ исто така се дрзна и да киднапира пратеник. Го повикуваме Обвинителството да го испита случајот, а партијата на премиерот во заминување да побара расветлување на низа други криминални случаи каде постојат вистински докази, како што е случајот рекет и тврдењето дека парите завршиле кај Вице и Зоран Заев, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Во четвртокот, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески објави дека рано утрото во домот на неговите родители влегле припадници на финансиската полиција и извршиле претрес. Тој за настанот информира на неговиот фејсбук профил.

По објавата на Јаулески, од Управата за финансиска полиција соопштија дека претресот не е извршен во домот на пратеникот Јован Јаулески, ниту, пак,  кај некој друг претставник на политичка партија, туку се однесува на вработени од ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје.

– Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, истакнуваат од Управата во пишано соопштение до медиумите.