Жалење и осуда за депортираните и убиени македонски Евреи во логорот Треблинка пред 75 години и порака да не се повтори такво злостороство беа искажани на денешното одбележување во дворот на Тутунскиот комбинат во Скопје, некогашниот Монопол од каде што во смрт биле пратени 7144 Евреи од Македонија.
Се обратија премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој е прв владин претставник што досега учествувал на одбележувањето на годишнината од овој историски настан. Тие се поклонија пред споменикот што во сеќавање на Евреите од Македонија е подигнат во кругот на некогашниот Монопол.
– Пред 75 години овој простор беше искористен за едно големо злосторство врз нашите сограѓани. Нивниот најголем престап беше нивното постоење, нивната култура, традиција, нивната заедница. За тоа беа казнети со најдраконската казна и предвреме отргнати од своите најблиски, од својата земја од своите животи, истакна премиерот Заев, нагласувајќи дека „историјата се повторува само за оние коишто стануваат слепи кон минатото“.
Посочи дека македонскиот народ е слотен во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нивните сограѓани во Треблинка и дека тоа е повеќе од само симболично.
– Денес ги повторуваме лекциите од минатото за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината кој заеднички го избравме. Омразата не е наш избор, истакна Заев.
Бугарскиот премиер Борисов рече дека не треба да се заборави секој човечки живот што бил уништен во нацистичката машина и дека затоа тој е денеска тука, како што рече – „за да искажеме почит и тага кон убиените“. Порача дека жртвите не треба да се заборават, а политичарите не смеат да дозволат да се направат повторно такви грешки.
– Да извлечеме заклучоци и да сфатиме дека на Балканот треба да градиме, да работиме заедно, да одиме кон подобро уредување и народите да ни живеат среќно, а сето тоа да остане во историјата. Ако, не дај Боже, повторно дозволиме слични настани, тогаш сме глупави. И ние, сегашните политичари, имаме одговорност. Не сме ги заборавиле, слава им, и затоа дојдовме заедно со македонскиот народ да жалиме за тие што не успеале да се извлечат живи од нацистичката машина, рече Борисов.
Во обраќањето бугарскиот премиер посочи дека во синагогата во Софија организирале чествување на кое била искажана длабока почит кон бугарскиот народ, црква, интелектуалци и општественици кои во тие, како што рече, можеби најсурови времиња, успеале да спасат 48.000 Евреи. – И затоа бугарскиот народ заслужува голема почит, додаде Борисов.
Заев и Борисов претходно учествуваа во поворката симболично наречена Марш на живите која почна од Музеј на Град Скопје и заврши во дворот на Тутунскиот комбинат, во која беа претставници од Владата, Собранието, од Еврејската заедница во РМ, странски гости и делегации. Тие оддадоа почит и положија цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи.
Седумдесет и пет години од трагичниот настан вчера беа одбележани и во Битола и Штип во кои, покрај Скопје, еврејските заедници биле најбројни до Втората светска војна.
Ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните окупатопрски власти, уапсени биле 7 144 Евреи.
Во скопскиот Монопол останале до крајот на март во екстремно тешки хигиенски и психолошки услови. Сиот имот им бил земен, а накитот и парите конфискувани. Потоа биле натоварени во сточни вагони, меѓу 80 и 120 во еден вагон, и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле убиени. Ниту еден од уапсените не се вратил. Таму биле убиени 98 проценти од вкупното еврејско население во Македонија во 1943 година, што е меѓу најголемите проценти во светот.
Според проценките, во Треблинка биле убиени околу 900 000 луѓе, од кои над 750.000 Евреи. Жртвите на холокаустот во тој логор, кој се наоѓал 100 километри североисточно од Варшава, биле убивани меѓу јули 1942 и октомври 1943 година.
Во спомен на депортираните македонски Евреи, делегација на Република Македонија во 2008 година во логорот Треблинка постави обележје со натпис „Македонија“. Во март 2011 година, пак, во Еврејското маало во Скопје беше отворен Меморијален центар на холокаустот на македонските Евреи, изграден со пари од имотите на семејства на убиените македонски Евреи кои немале наследници.