Aмериканската Влада обезбеди 3,1 милиони долари за македонските граѓани за борба против Ковид-19

Владата на САД денеска најави нови 2,7 милиони долари помош за земјата за борба против Ковид-19, преку УСАИД, кои ќе се надоврзат на неодамнешната донација во опрема и потрошни материјали во вредност од 400 илјади долари наменета за Северна Македонија за истата цел. Со ова, од почетокот на пандемијата, вкупната помош од САД за Северна Македонија за справување со Ковид-19 надминува 9,2 милиони долари, информора УСАИД.

Новата помош обезбедена преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) ќе биде реализирана во партнерство со Светската здравствена организација за натамошно јакнење на капацитетите на здравстениот систем за подготвено дочекување и одговор на кризи од типот на пандемијата на Ковид-19 и обезбедување повисока стапка на вакцинација против Ковид-19, како и безбедно изведување на самата вакцинална кампања.

– Со оваа помош, во соработка со УНИЦЕФ ќе се прошири прошири информативната кампања за ризиците од избегнување имунизација и потребата од вклучување на заедницата во функција на што повисока стапка на вакцинација против Ковид-19; понатаму, ќе ги помогне активностите насочени кон менталното здравје и добросостојбата на здравствените работници кои се вклучени во справувањето со КОВИД-19; ќе помогне за зајакнување на капацитетите за водоснабдување, санитарните и хигиенските услови и мерките за превенција и контрола на заразата; и ќе овозможи правење важни анализи на податоци и проценки со цел ефикасно справување со кризата предизвикана од Ковид-19, соопштија од УСАИД.

Донацијата на опремата од Европската Команда на Американсата војска се надоврзува на претходните донации на опрема и потрошен материјал за здравствените работници кои работат во првите редови во борбата против Ковид-19 како и за помош при тестирањето и лекувањето.

– Помошта за националните здравствени власти за осмислување, следење и прилагодување на интервенциите за одговор против Ковид-19 опфаќа обезбедување подготвеност за распоредување на човечките и сите други потребни ресурси на соодветните места за реализација на вакцинацијата, обезбедување безбедна и ефикасна испорака на вакцините против Ковид-19, во што влегува и одржувањето на студениот синџир и дигитализацијата на системот за вакцинација, надзор, епидемиолошки истражувања, пронаоѓање на контактите и прилагодување на социјалните мерки и мерките во областа на јавното здравство, се вели во соопштението.

САД, додаваат, се посветени на соработката со земјава во насока на ставање крај на пандемијата на Ковид-19, ублажување на нејзините разорни социјални и економнски последици, како и градење на еден свет кој ќе биде по спремен, од било кога досега, за соодветен одговор на идни епидемии.