Устав: Седница за гласање доверба на Влада по три дена од поднесување на иницијативата

Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници, а гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба, се предвидува во Уставот на Република Северна Македонија.

-Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба, се наведува во членот 92 од Уставот на РСМ.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.

Во истиот член 92 се наведува и дека повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.

Во членот 93 од Уставот, меѓу другото, се предвидува дека на Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

Прашањето за доверба на Владата е регулирано и со собранискиот Деловник.

Во член 214 стои: „…Прашањето за доверба на Владата се поднесува во писмена форма и мора да биде образложено… Прашањето за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на Републиката… Прашањето за доверба на Владата  може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата“.

За поставеното прашање за доверба на Владата, според член 215, претседателот на Собранието веднаш свикува седница. Седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата. Рокот почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата.

Член 216 од Деловникот, пак, е неведено: „По поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути“.

Со член 217 е предвидено дека Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на  поставувањето на прашањето за доверба.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.