Бучковски: Враќањето на Република Македонија, без додавката Северна, ќе и нанесе штета на државата

Поранешниот премиер Владо Бучковски вечерва изјави дека победата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е голема на локалните избори, но оти враќањето на Република Македонија, без додавката Северна, ќе и нанесе штета на државата.

Бучковски смета дека тоа што го зборува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и тоа што би го направил како евентуален премиер, нема да биде на начинот на кој постапија претседавачите на Советот во Штип и во Општина Аеродром.

– Да бараш сега неусогласеност на Законот за локална самоуправа и на тој начин да покажеш дека еве ние тоа што ви ветувавме, повеќе полујавно или повеќе без присуство на медиумите или партиските состаноци, ќе дадеме се од себе да го вратиме името Република Македонија без додавката Северна, е непотребен луксуз кој нанесува штета и на имиџот на нашата држава, рече Бучковски во гостувањето на емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Бучковски исто така смета дека СДСМ и коалициските партнери треба да ги проценат квалитетите на секој потенцијален кандидат за мандатор и да започнат со процедура. Според него, земјата е блиску до формирање на нова влада и до крајот на неделата очекува дека ќе биде поднесена оставката на премиерот Зоран Заев.

Бучковски, кој сега е специјален претставник на Владата за Бугарија, смета дека доколку во Софија има политичка влада, во декември ќе има уште една можност за решение на спорот. Непочнувањето на преговори со Северна Македонија и Албанија ја загрозува стабилноста на Балканот, смета Бучковски.

– Очигледно е дека владеачката коалиција, но и притисокот на меѓународната заедница оди во тој правец да нема брзи парламентарни избори, токму заради можноста која постои, иако велам таа можеби не е реална, но можност има за уште една рунда преговори со Бугарија за изнаоѓање на решение, посочи Бучковски.

Тој посочи и дека треба да се отвори сериозна дебата за внесувањето на Бугарите во Уставот. Бучковски во овој контекст додаде дека реакцијата на премиерот Зоран Заев за тоа дека се подготвени веднаш да го направат тоа, по примерот на Хрватска пред влезот во ЕУ, не бил задоволителен за официјална Софија, од каде побарале веднаш да се разговара на таа тема.