ДОМ и ЛДП остануваат дел од парламентарното мнозинство, не се за одржување на предвремени избори

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин заедно со лидерот на ЛДП Горан Милевски пред денешната средба во Владата изјави дека остануваат дел од парламентарното мнозинство и дека не поддржуваат одржување на предвремени парламентарни избори.

– И пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето „Одлучно за промени“ кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни и не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формирање на ново парламентарно мнозинство бидејќи на Македонија и е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата, рече Морачанин.

Прашана дали би биле дел од друго парламентарно мнозинство, Морачанин со став дека ниту имале такви преговори, ниту пак дека тоа е нивна идеја.

–  Она што сакаме да го постигнеме е да се забрза процесот на реформи, да се интензивира борбата против корупцијата и да почнат пристапните преговори, рече Морачанин.

Додаде дека нема да инсистираат досегашниот премиер Зоран Заев да остане на функцијата затоа што тоа е негов личен став.

– Тоа е негов личен став од морални и етички причини. За нас е многу важно кои се визиите за новиот премиер и новата влада. Да видиме која е идејата и кои се очекувањата. Клучен момент се програмските определби на новата влада, за што ќе се залага и кои ќе бидат приоритетите, рече Морачанин.

Досегашниот премиер Зоран Заев вчера на прес-конференција објави дека поднесува оставка од премиерската функција и како лидер на СДСМ истакнувајќи дека ја презема одговорноста за лошиот изборен резултат. Денеска во Владата во тек е состанок со лидерите на коалиционите партнери.