Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување во ЕУ и властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати, иако реформскиот напредок во многу области се оценува како умерен. Еврокомисијата упати и критика за блокадата за почеток на преговори за државава. Ова клучните поенти на годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, што вчера беше презентиран во Европскиот парламент во Стразбур за сите шест земји од Западен Балкан, заедно со Пакетот за проширување 2021.
-Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, стои во Извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија.
Во документот се наведува дека ЕУ реформите се процес на долг рок, што бара постојан ангажман од Владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.
Северна Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на Унијата со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година.
-Во март 2020 членовите на Европскиот Совет едногласно ја одобрија одлуката да се отворат преговорите за членство со Северна Македонија. Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупредува Европската комисија.
Комисијата исто така нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.
-Комисијата со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година, бара Европската комисија.
Во Извештајот, ЕК ја поздравува земјава во делот на зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото, и борбата против корупцијата, но осврнувајќи се на последните локални избори, европската извршна власт констатира дека напредокот е ограничен во делот на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Се бара изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони да бидат финализирани навремено и на инклузивен начин.
Политичките тензии помеѓу партиите не доведоа до ситуации на бојкот како во минатото, Европската комисија го поздравува ангажманот на опозициските партии во работата на Собранието, но забележува дека поларизацијата е длабока.
-Работата на Собранието беше попречена од политичката поларизација, интензивирана со Ковид-19, која повремено имаше последици врз обичните функции. Потребни се напори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, посебно во делот на реформската агенда за ЕУ, истакнува Извештајот годинава.
Уште еднаш се покажува со прст кон забрзаните процедури на усвојување закони и се повторува дека тие мора да останат ограничени за да не се загрози демократскиот надзор.
Парламентот, сепак, продолжи да ја игра улогата на надзор врз извршната власт.
-Власта треба да продолжи со реформскиот момент и да се фокусира на спроведување на постоечката законска рамка наместо да започнува спорадични нови иницијативи. Навремена и суштинска имплементација на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целост, вели Европската комисија, која додава и дека продолжува да се бара одговорност за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017, вклучително и преку првостепени судски одлуки.
Што се однесува до јавната администрација ЕК констатира „мал напредок“ во финализирањето на хоризонаталната функционална ревизија на државната администрација која е важно да биде усвоена од власта.
-Препораките за нова организација на државните административни тела со подобрени линии за отчетност треба да го потхранат релевантното законодавство кое треба да биде усвоено и спроведено, вели ЕК.
Судскиот систем е „умерено подготвен“ за ЕУ членство.
-Мал напредок е постигнат во однос на спроведувањето на стратегијата за судска реформа со што дополнително се одговара на препораките на Венецијанската комисија и на Експертската група за владеење на правото. Напори сѐ уште се потребни за да се обезбеди систематско спроведување на обновениот акциски план за стратегијата за судски реформи и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството, оценува Европската Комисија.
Умерена подготвеност покажува Северна Македонија и во борбата против корупција, таа го зацврстува процесот на гонење криминал и корупција вклучително и високопрофилни случаи.
Генерално законската рамка за човекови права е во согласност со ЕУ стандардите, вклучително и во делот на насилството против жените но се забележува дека земјата треба да го зајакне спроведувањето на законите против говор на омраза.
-Надворешниот граѓански надзорен механизам врз полицијата не е целосно функционален и отсуството на вистински независни истражители ги попречува напорите за справување со неказнивоста на полицијата и ефективното гонење, стои во Извештајот.
Се бара земјата да ги подобри и условите во затворите и да ги зајакне алтернативите за затворски казни.
Напредокот во делот на слободата на изразување е ограничен.
-Општиот контекст за медиумски слободи е поволен и дозволува критичко медиумско известување иако имаше зголемени тензии за време на кризата со Ковид-19. Напорите за саморегулација треба да продолжат и да донесат конкретни резултати за напредок на професионалните стандарди во новинарството, смета Комисијата.
Се бара поголема транспарентност во рекламирањето од страна на државни институции и политички партии и реформа на МРТВ за да се обезбеди финансиска независност за јавниот сервис. Напредокот во МРТВ е попречен поради назначување на членови во релевантните тела.
-Кризата со Ковид-19 имаше силни последици врз медиумскиот сектор, посебно за регионалните и локалните чинители. Медиумските куќи беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите треба да се решат, бара ЕК.
Во делот на заштита на животната средина, во документот се наведува дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во оваа област, но ограничен напредок е постогнат во заштита на природата и климатските промени. Земјата е охрабрена да ги подигне своите амбиции во врска со зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, ги презентираше извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција пред европратениците и повика итно да започнат преговорите со Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Брисел.
Како што стои и во самите извештаи на Европската комисија оваа година, еврокомесарот Вархеји пред европратениците од Комисијата за надворешни работи повтори дека одлагањето на преговорите со Северна Македонија, и со Албанија, е штетно за кредибилитетот на Европската Унија.
-Работиме одблизу за да ја деблокираме ситуацијата и да го решиме проблемот за оваа тешка тема, за сега не бевме успешни но имаме надеж, до крајот на оваа година мораме да испорачаме, не смее ова да се доведе во прашање, и на нас е да испорачаме, кога велам нас, мислам на сите земјите членки на ЕУ, мислам и на Северна Македонија која е партнер во ова, патував во двете престолнини и сѐ уште сум подготвен да помогнам, но може ова да бара поголема посветеност, изјави Вархеји во Европскиот парламент денеска.
Тој додаде дека со оглед на изборните циклуси во Бугарија и во Северна Македонија овој период не помага, но дека оваа сложувалка мора да се надмине.
Вархеји ги повтори заклучоците од извештајот за Северна Македонија дека земјата покажала одлучност и истрајност во реформите вклучително и владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал и дека ова треба да продолжи, со дополнителни напори за реформата на јавната администрација.
Тој на прес-конференцијата за извештаите за земјите од Западен Балкан, како што јави дописничката на МИА од Брисел, не даде дополнителни објаснувања за новинарите и повтори дека очекува до крајот на оваа година „зелено светло“ за преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Запрашан на што го темели оптимизмот за „зелено светло“ од земјите-членки до крајот на оваа година, Вархеји рече дека е „ангажиран со двете страни, Бугарија и Северна Македонија“.
– Се сретнав со лидерите на двете земји и врз таа основа би требало да најдеме решение и да го убедиме Советот да даде зелено светло уште оваа година, рече Вархеји.
Вархеји исто така повтори дека Албанија и Северна Македонија не треба да се двојат, иако тој во мај имаше различен став кога во интервју за „Евроњуз“ изјави дека ако не се реши проблемот со Бугарија, ќе треба да се разгледува опцијата Албанија да се одвои од Северна Македонија во процесот.
-Двете земји ги исполнија сите критериуми и услови за отворање на првата Меѓувладина конференција и затоа треба да работиме заедно, како што реков во комисијата за надворешни работи, големо мнозинство земји членки не сакаат одвојување така што сакаме да најдеме решение, рече денеска еврокомесарот за проширување.
Еврокомесарот додаде дека целта е зеленото светло за Скопје и Тирана да се добие до декември најдоцна, но потсети дека одлуката им припаѓа на земјите-членки на ЕУ.
– Не сум тој што гласа за ова, јас сум тој што се обидува да ги убеди да гласаат за ова, толку можам да споделам со вас, но ќе продолжам да се ангажирам, како што знае и европратеникот Андреј Ковачев, кој беше еден вид таен помошник во унапредувањето на работите, не сакам да дадам детали но работиме, изјави Вархеји.
Препораки на ЕК за останатите земји од Западен Балкан
Србија – Европската комисија ќе препорача отворање на поглавјата 3 (Конкурентност и раст) и 4 (Зелена агенда и одржлива поврзаност) во рамките на Годишниот извештај за Србија. Во извештајот на ЕК се наведува напредокот на Србија во усогласување со критериумите на ЕУ, особено во областа на претпазливост и енергетска политика. Србија исто така се повикува да обезбеди соодветна правна заштита од потенцијално политичко влијание врз судството, да работи на нова Антикорупциска стратегија и да обезбеди „убедливи резултати“ во областа на ефективна истрага, гонење и казнување сериозни случаи на организиран криминал.
Босна и Херцеговина – Извештајот на Европската комисија за Босна и Херцеговина има убедливо најлоши оценки на експертите за состојбата во земјата во споредба со другите земји во регионот. Во БиХ нема напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, во реформата на изборниот процес, слободата на изразување, или во надворешните односи, и имаше „назадување“ во областа на јавните набавки. Што се однесува до политичките критериуми, се наведува дека законодавната и извршната власт имале „слаб ефект поради политичката поларизација и нарушувањата предизвикани од пандемијата“.
Европската Комисија во извештајот за Албанија, нагласува дека таа постигна опипливи и одржливи резултати со продолжување на својата посветеност кон реформите насочени кон ЕУ. Во извештајот генерално, и покрај предизвиците што ги носи пандемијата Ковид-19, Албанија продолжи да ја покажува својата посветеност кон реформите насочени кон ЕУ и даде опипливи и одржливи резултати. Ги исполни сите услови утврдени во Заклучоците на Советот од март 2020 година за првата Меѓувладина конференција.
Косово треба конструктивно да се ангажира и да направи други значителни напори во „спроведување на сите договори од минатото“ постигнати во рамките на Дијалогот со Србија и да придонесе за постигнување сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација на односите со Србија, се наведува во извештајот на Европската Комисија за напредокот на Косово. Во извештајот, меѓу другото се наведува дека политичката нестабилност и пандемијата влијаат на напредокот во спроведувањето на европската агенда за реформи во Косово.
Црна Гора – Тензиите и недовербата меѓу политичките актери го одбележаа периодот опфатен со извештајот поврзан со политичките критериуми, се вели во Извештајот за напредокот на Црна Гора. -Длабоката поларизација помеѓу новото владејачко мнозинство и опозицијата траеше во текот на 2020 година и се засили во постизборниот период. „Загреаните односи и недовербата ги поттикнаа честите ескалации и дополнително ги влошија политичките поделби, вклучително и во владејачкото мнозинство, се вели во документот.