ДИК: Градоначалници добија 34 општини, првиот круг ќе се повтори во две општини (ДПЛ)

Во првиот круг од локалните избори избрани се градоначалници во 34 општини од кои во 22 општини градоначалниците се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, девет се од коалицијата предводена од СДСМ, а тројца градоначалници се од ДУИ, соопшти вечерва Државната изборна комисија (ДИК).

Најголемите политички ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг меѓусебе ќе се борат за градоначалник во 25 општини. Вкупно СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини. Кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива и ДУИ во вториот круг меѓусебе ќе се борат во осум општини, а во Тетово и Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и БЕСА.

Во Градот Скопје во вториот круг влегуваат независната кандидатка Данела Арсовска која има освоено 85.657 гласа и кандидатот на СДСМ Петре Шилегов кој освоил 77.852 гласа.

Во Советот на Град Скопје, како што објави претседателот на ДИК Александар Даштевски, ќе има 17 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од СДСМ, шест од ДУИ, четири од Левица, по два советника ќе имаат колаицијата на ЛДП и ДОМ и на Алијанса за Албанците/Алтернатива, како и „Зелен хуман град“.

Податоците за останатите советнички листи се објавени на веб страната на ДИК.

Во Центар Жупа и Маврово-Ростуше ќе се повтори изборната постапка поради неисполнување на законскиот услов од една третина од запишаните гласачи кои излегле на гласање.

Во првиот круг градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се избрани во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.

Градоначалници од СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Делчево, Дојран и Струмица.

Од ДУИ има тројца градоначалници избрани во првиот круг и тоа во општините Липково, Пласница и Сарај.

Досега до ДИК, како што соопшти Даштевски, не се пристигнати приговори.