ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН
Публицистичкиот опус на Славе Катин опфаќа 60 наслови на книги, од кои 22 се со името „Македонија“ и се тесно поврзани со иселеништвото, потоа 18 монографии за познати личности во иселеништвото и Македонија, 15 дела со историска и црковно духовна содржина и десетина лексикографски изданија, во кои спаѓа и првото дело „An English–Macedonian Limnological Dictionary“ („Англиско–македонски лимнолошки лексикон“), .
Преведувачката работа во творечките активности на Славе Катин зазема значајно место во неговото творештво. Таа е иманентна на сите негови ангажмани во научно-истражувачката, публицистичката, информативно-пропагандната, книжевната и лексикографската сфера.
Од првиот ден на неговото вклучување во активностите на државата, почнувајќи од установата Хидробиолошкиот завод во Охрид, преку Матицата на иселениците од Македонија и Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, до Комисијата за односи со верските заедници и Министерството, односно Агенцијата за иселеништво. Доброто познавање, особено на пишаниот англиски јазик му овозможи да функционира на сите интелектуални канали во земјата и странство, преку позициите што ги заземал во Република Македонија.
Со делото „An English–Macedonian Limnological Dictionary“ ( Англиско–македонски лимнолошки лексикон), чиј издавач е Хидробиолошкиот завод од Охрид, во 1986 година, отпечатен на 206 страници, на англиски и македонски јазик, чиј рецензенти се д-р Борис Оцевски, проф. Д-р Јонче Шапкарев и д-р Владимир Цветковски, Славе Катин пополнува една голема празнина во областа на лимнолошката терминологија.
„Aнглиско-македонскиот лимнолошки лексикон“ е резултат на долгогодишната преведувачка работа на Славе Николовски-Катин, реализирана пред сè во Хидробиолошкиот институт во Охрид. Подготвен е со цел да пополни празнина во областа на биотехничката терминологија и да им помога на студентите и на научните работници кои користат англиски јазик во оваа област и други природни и биотехнички науки. Покрај тоа, речникот може да биде корисен во многу македонски и други домови како потсетник, прирачник и јазично помагало.
Лексиконот беше подготвен и издаден од Хидробиолошкиот завод, кој спаѓа во редот на најстарите научни установи, формиран уште во далечната 1935 година како единствена научна институција од ваков вид на поширокиот Балкански простор. Беше формиран од познатиот и признат биолог академик Синиша Станковиќ, кој беше вљубеник во Охридското Езеро и Охрид и почитувач на Македонија.
„Англиско-македонскиот лимнолошки речник“ содржи приближно 4.000 зборови и термини, изрази и поими поврзани со биотехничките науки. Англискиот јазик опфаќа многу голема област и тој е јазик на кој се напишани повеќето стручни и научни книги. Бројни списанија и разни научни и стручни списанија и прегледи од различни науки се напишани на англиски јазик, за не случајно се вели дека тој е еден од најважните јазици во светот. Англискиот е јазик на науката, технологијата, коресподенцијата, уметноста и бизнисот.
Промоцијата на Лимнолошкиот лексикон, пак, беше извршена во Клубот на новинарите во Скопје, во присуство на голем број научници, новинари, пријатели и почитувачи на Славе Катон и љубители на пишаниот збор. За ова дело на Славе Николовски-Катин зборуваа д-р Јорданка Серафимова – Хаџишче, директор на Хидробиолошкиот завод и д-р Борис Oцевски, научен советник во Заводот.
Тие, меѓу другото истакнаа дека преведувачката кариера на Славе Катин започна со неговото доаѓање во Хидробиолошкиот завод во Охрид. Тој покажа голем интерест кон биолошките дисциплини, кон преведувачката дејност од македонски на англиски јазик и обратно од англиски на македонски јазик на бројни научни трудови. Тоа му помогна да се зафати да го потготви Лексинонот.
Покрај „Англиско-македонскиот лимнолошки лексикон“, Славе Катин ги преведе од македонски на англиски јазик: Монографијата „50 години од формирањето на Хидробиолошкиот завод“, монографскиот дел за „Синиша Станковиќ“, како основач на овој Завод, а докторската дисертација на биологот д-р Милчо Точко: „Развиток и исхрана на младиците на ципринидите од Охридското Езеро“ од македонски на англиски јазик, како трето издание од циклусот на Заводот по повод неговиот јубилеј. Потоа, изврши превод на бројни научни трудови од Славе Хаџишче, д-р Борис Oцевски, д-р Иван Џадо, д-р Милчо Точко, д-р Јорданка Серафимова – Хаџишче и други научници од Хидробиолошкиот завод од Охрид.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН