За Заев шансите за договор меѓу Скопје и Софија ќе се зголемат по изборите, Димитров ја повика Бугарија на одговорност, за Османи спорот нема ништо со процесот на евроинтеграција

Прашањето меѓу Скопје и Софија и шансите за отстранување на блокадата на Бугарија за почетокот на преговори на Северна Македонија со ЕУ до крајот на годинава, беа во фокусот на вториот Самит за Западен Балкан на лондонски „Економист“ што вчера се одржа во Скопје. Премиерот Зоран Заев смета дека земјава ги исполни сите услови за членство во ЕУ и оцени дека изгледите за тргање на блокадата на Софија ќе се зголемат по изборите. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, нагласи дека за европското досие на Северна Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека суштината на спорот меѓу Скопје и Софија нема ништо со процесот на евроинтеграција, туку се бави со прашања коишто се целосно внатрешни, како што е правото на самоопределување на земјата. Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, истакна дека основна цел на САД е да ја видат Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија и оти цела работа од нивна страна е во насока на поддршка на тој процес.

Премиерот Заев смета дека 50 проценти од шансите за тргање на блокадата ќе се зголемат по изборите.

– И во Бугарија и во Северна Македонија имаме избори. Политичарите се многу специфични, меѓутоа ние продолжуваме со разговорите, имаме теми пред двете страни и постои решение, изјави тој на Самитот.

Решението меѓу Северна Македонија и Бугарија, нагласи Заев, ќе биде силна порака за охрабрување за целиот Западен Балкан, бидејќи се што се случува во Црна Гора, Косово или било каде, има влијание врз сите други. –  Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години. Лично верувам дека до крајот на оваа година е можно решение, изјави Заев.

Одговарајќи на прашање од регионалната директорка на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, за бугарското вето и дали добиле уверувања од ЕУ дека јазикот и историјата нема да бидат предмет на преговори, Заев рече дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање.

– Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо, изјави Заев.

 

Димитров, од своја страна, на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“ во рамки на Самитот, рече дека ЕУ е сложен ентитет и сите напори и заложби за креирање функционална политика на проширување можат да бидат блокирани со противење од една земја, и тоа од причини кои не се во согласност со европските вредности на кои се заснова процесот.

– Во однос на Северна Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес, посочи Димитров.

Министерот Османи од своја страна, на панелот во рамки на Самитот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и безбедноста во кревка глобална средина”, истакна дека  суштината на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија нема ништо со процесот на евроинтеграција.

– ЕУ е систем кој што прифаќа разновидност и мултиперспективност. Нема ништо со исполнување на политичките и економските критериуми од Копенхаген. Се бави со прашања коишто се целосно внатрешни, прашања на земјата како јазикот е право што произлегува од правото на самоопределување на земјата, истакна Османи.

Тој додаде дека постојат повеќе патеки на кои што се работи во однос на надминување на спорот. Билатералната во рамки на која се работи на спроведување на Договорот за доброседство, и европскиот пат и позицијата на прашањето во процесот за интеграција во ЕУ при тоа го повтори ставот дека билатералните прашања не треба да бидат дел од процесот на проширување.

Османи во меѓувреме, синоќа во интервју за Канал 5 рече дека за сите шест точки од билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, произлезени од самиот во Брдо, постои простор за изнаоѓање на решение и навистина би било жално ако ја пропуштиме оваа шанса.

Тој информира дека во моментов Владата работи на одговор на предлогот-решенијата на Софија во однос на петте прашања, но претходно треба да се состане Историската комисија. Османи не кажа конкретно дали кон крајот на месецов и почетокот на ноември ќе се потпише протоколот со Бугарија.

– Доколку се постигне договор за тие пет точки, треба да има уште една точка, а тоа е да има поддршка од Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција на одреден датум. Мора да има „пет плус две точки“ за да има договор. Ако се случи тоа, тогаш на меѓувладината комисија, треба да го усвоиме тој договор, кој ќе биде потврден од двете влади. И паралелно се разговара за позиција на тој патоказ во европскиот процес. И ние сметаме дека португалскиот предлог е решението, вели Османи.

Постигнување на договор со Бугарија, вклучува во себе и почеток на преговори на нашата држава со ЕУ, изјави министерот за надворешни работи, кој рече дека е излишно прашањето за можноста да се постигне договор со Софија, а да не се почнат преговори со ЕУ.

Османи претходно вчера оствари средба и со својот грчки колега Милтијадес Варвициотис, кој вчера беше во посета на Скопје, по која рече дека имајќи предвид оти Грција е стратешки партнер на земјава и дава голема поддршка во процесот на интеграција во ЕУ, очекувањата се сосема оправдани дека нашиот близок сосед и пријател ќе продолжи со јасна и директна помош во лобирање во претстојниот период, до формалниот почеток на преговори за членство.

Османи истакна дека наспроти препознатливите остварувања за кои добиваме потврда за направени позитивни чекори, постојат и доста прашања кои треба да се решат и во таа насока е и нашата изразена дипломатска активност, проследена со многу чести посети и средби на високо ниво на официјалните претставници, како и помеѓу работните тела.

– Следува период на ангажман и на зачестени средби на комитетите и комисиите, чија активност во изминатиот период беше поспора, најави Османи.

Варвициотис, пак, на средбата што ја имаше со вицепремиерот Димитров, подвлече дека Грција смета дека веднаш треба да се свика меѓувладината седница за Северна Македонија и Албанија за почеток на преговори за нивно членство во ЕУ и оти чекорите што Унијата треба да ги преземе во оваа насока треба да бидат брзи и одлучни.

– Европа е нашиот дом и ние сакаме тој дом да се прошири, да ги прифати сите земји од европскиот континент и на тој начин да се воспостави една географска целина и заокружување, а со тоа земјите од Западен Балкан да се приклучат кон заедницата, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, по средбата со Димитров.

Европската перспектива на Западен Балкан, нагласи, е национална политика која Грција ја спроведува скоро две децении. 

– Сметаме дека чекорите за оваа насока од страна на Европа треба да бидат брзи и одлучни. Затоа ги поздравуваме и затоплувањата во однос на проширувањето објавени на Самитот во Брдо и за тоа се насочуваме. Сметаме дека треба веднаш да се свика меѓувладината седница за двете земји, Албанија и Северна Македонија, така што, да се расчистат позициите за следните чекори во преговорите и со евентуалните забрзувања на проширувањето како за Србија, така и за Црна Гора, рече Варвициотис.

Но, вниманието во регионот, потенцира, не треба да се намали во никој случај, независно од прашањето за меѓувладината седница, кој веднаш и брзо треба да биде свикана.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи истакна дека во разговорите со Димитров биле разгледани можностите како Грција ќе даде техничко знаење за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ. 

– Подготвени сме да учествуваме во сите аспекти на европската политика, но подготвени сме и да ја зајакнеме и нашата економска соработка во духот на пријателството и меѓусебното разбирање и добрососедските односи. Добрососедските односи сигурно се потпираат на довербата и правилното спроведување на Договорот од Преспа, рече Варвициотис.

Димитров ја оцени средбата со грчкиот алтернативен министер за надворешни работи како отворена, срдечна и пријателска, и како средба што доликува на новото поглавје на односите меѓу Грција и Северна Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор, посочувајќи дека главна тема на разговорите била пред се за европската иднина на Балканот. 

– Наша основна цел е да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија и сета наша работа е во насока на поддршка на тој процес, изјави амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, зборувајќи на панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и соработката во кревка глобална средина“, на Самитот на „Економист“.

Кога зборуваме за нашата врска со Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан, нагласи Брнз, важно е да се истакне дека таа мора да биде базирана на солидарност и заедничка работа за предизвиците со кои се соочуваме сега, да ги направиме можностите за Западен Балкан, и партнерствата со ЕУ и САД.

Зборувајќи за партнерството во одбраната и како тоа може да се продолжи и во други делови од меѓусебната соработка, Брнз рече дека постојат многу важни работи кои може да се направат.

– Неодамна, со помош на САД бевме сведоци на договорот меѓу Естонија и Северна Македонија за помош во развојот на правна рамка и патоказ за дигитализација. Естонија има големо искуство во е-влада и дигитализација на услугите, изјави Брнз.

Овие партнерства, посочи американската амбасадорка, ќе и помогнат на Северна Македонија, не само во исполнување на нејзините цели за членство во ЕУ, туку и за подобри услуги за самите граѓани.