Пендаровски ги прими акредитивните писма на новaта амбасадорка на Швајцарија, Вероник Халман Марти

 Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Вероник Халман Марти, новоименуваната амбасадорка на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на церемонијата на предавање на акредитивите, Пендаровски истакна дека двете земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство засновано на соработка и меѓусебно почитување. Во Швајцарската Конфедерација, како што потенцираше претседателот Пендаровски, Северна Македонија гледа голем и искрен сојузник во процесот на остварување на надворешнополитичките приоритети на земјата.

-Би сакал во идниот период да ги искористиме сите можности за натамошен развој на економските односи, имајќи го предвид потенцијалот на двете држави, додаде претседателот Пендаровски.

Истовремено, претседателот Пендаровски подвлече дека еден од најважните сегменти на билатералните односи се иселениците од Република Северна Македонија во Швајцарија. Пендаровски нагласил и дека за нашата земја е значајно што Швајцарската Конфедерација демонстрира јасна подготвеност за поддршка на демократскиот развој на Република Северна Македонија.

-Швајцарската развојна програма преточена во новата Стратегија за Северна Македонија за периодот 2021 – 2024 година со која ќе бидат алоцирани 65 милиони швајцарски франци во областите на демократско управување, вработување и економски развој, инфраструктура и животна средина, претставуваат значаен придонес и поттик за развој на општините и институциите во државата, заклучи Пендаровски.

Истакнувајќи дека односите на двете земји се одлични, амбасадорката Халман Марти истакна дека тие се интензивираат од воспоставувањето на дипломатски односи во 1994 година и отворањето на Швајцарската амбасада во 2000 година. Амбасадорката Халман Марти нагласи дека клучен елемент во билатералните односи е швајцарската програма за билатерална соработка, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот. 

-Новата програма за соработка беше одобрена на почетокот на оваа година. Истата се фокусира на инклузивно демократско владеење, вработување и одржлив економски развој, како и на животна средина и одржливи јавни претпријатија, додаде амбасадорката Халман Марти.