Општините да се зафатат со реалните проблеми, а не да сервираат популизам на дневна основа, порачува бизнисот

И најдобрите владини програми не можат да се реализираат со постоечкиот модел на локална самоуправа, особено со слабиот капацитет на некои градоначалници.  Крајно време е општините да престанат да сервираат популизам, и наместо со дневни проблеми, да се зафатат со долгорочно решавање на клучните прашања, порачува бизнис секторот.

Стопанствениците во разговор за МИА се децидни дека мора да се намали влијанието на централната власт врз општините, како и да профункционира „мерит – системот“ кој ќе го извади на површина најквалитетниот административен кадар.

Според нив, следните четири години локалната власт ќе треба да ја врати довербата и кај граѓаните и кај бизнисот, но и да воспостави темел за локален економски развој.

-Живееме во време кога државите прават сé за да им овозможат на своите бизниси пристап до глобалниот пазар со цел проширување на пласманот и пазарите, а ние се соочуваме со недостиг на елементарни услови за живот, почнувајќи од водовод, канализација, управување со отпад. Во меѓувреме, програмите за локална поддршка на старапи, технолошки паркови или инкубатори остануваат на хартија само како ветувања. Да не зборуваме за земјоделските земјишта во сопственост на општините, кои остануваат неискористен потенцијал за бизнис, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Дрилон Исени.

Локалните избори, додава Исени, се од клучно значење доколку се испорача голем процент од напишаното во изборните програми и платформи.

Општините, конечно, нагласува, треба да заземат свое место во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните, но и на бизнисот.

-И најдобрите стратегии и програми на Владата не можат да се реализираат со постоечкиот модел на локална самоуправа и особено со слабиот капацитет на некои градоначалници. Секоја почит за исклучоците кои имаат остварено многу за подобрување и функционирање на општината и од аспект на подобрување на животот на граѓаните, факт кој дава надеж дека работите можат да тргнат кон подобро. Сметаме дека е крајно време да се намали влијанието на политиката на централна власт врз работата на општините. Општините треба да функционираат по конкретен бизнис модел што ќе обезбеди опстојување на краток и долг рок преку воведување систем на кој ќе се минимизира човечкиот фактор при одлучувањето за барањата на бизнисите, преку воведување „мерит-систем“ на администрација каде најдобрите ќе се унапредат и ќе заземат соодветно раководно место, потенцира Исени.

Токму ова, напоменува, е првиот вистински чекор кон решавање на дневните проблеми на граѓаните на краток рок, но и воведување темел за економски развој на среден рок.

-Општините и нивните градоначалници во наредните четири години треба да се фокусираат на реализирање проекти кои имаат мултидимензионален ефект, а не да сервираат популизам преку решавање дневни проблеми. Треба да се зафатат со квалитетни проекти кои долгорочно адресираат и решаваат клучни проблеми, истакнува извршниот директор на СКСЗМ.

Според него, локалната самоуправа е дел од синџирот на најважните чинители на рамномерниот регионален развој, горлив проблем во последната деценија за кој Комора постојано алармира.

-Сметаме дека следните четири години локалната власт ќе треба да ја врати довербата кај граѓаните и бизнисот, да воспостави темел за локален економски развој. Првиот дел ќе се постигне преку транспарентност, отченост и дигитализација на услугите, а вториот преку воведување технолошки развојни паркови, инкубатори и програми за поддршка на женското претприемништво, како и бизниси основани од младите од руралните подрачја, подвлекува Исени.

Тој додава и дека ако се мудри, градоначалниците само треба да ги следат препораките на бизнисот кој умее на најдобар начин проблемите да ги претвори во можности. СКСЗМ, потсетува директорот, на политичките партии кои учествуваат на локалните избори им ја претстави Платформата за локален економски развој. Платформата базира на четири столба: транспарентност и отчетност, ефикасна администрација, развој на локалните бизниси, модерна и функционална инфраструктура, а е составена од седум поглавја: законодавство, реформи во општинската администрација, развој на локалната економија, инфраструктура, животната средина, земјоделство и туризам.

-Нашата Платформа нуди конкретни решенија кои се применливи за секоја општина. Идните градоначалници ако се итри, само ќе ги применат овие мерки, бидејќи тоа се всушност предлози од бизнисите кои проблемите на најдобар начин ги претвораат во можности и кои за време на пандемијата и нудеа решенија на Владата како да се преживее кризата, вели Исени и потенцира дека барањата на бизнис заедницата треба да се рефлектираат во владините политики, зашто бизнисот е тој што придонесува за благосостојбата на граѓаните и за економијата во целост.

Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) очекува локална власт која ќе обезбеди поголема доверба и стабилност во општественото работење и функционирање, но и локална власт која ќе стави поголем акцент на економијата, отколку на политиката.

-Без разлика кои кандидати ќе бидат избрани за градоначалници на овие локални избори, од нив се очекуваат нови идеи и активности кои ќе придонесат за поголем економски развој на општините. Одлуките во врска со проектите што треба да ги реализираат новоизбраните градоначалници – стимулациите во буџетот и поддршката на бизнисот, се исклучително важни. Изминатиот период како деловен фактор, не секогаш бевме доволно близу до активностите и реформите во локалните самоуправи кои ни беа потребни од економски аспект. Сите имаме потреба од општини и градови со силна економија, со помалку проблеми и предизвици кои секако заеднички можеме многу полесно да ги решаваме, вели за МИА претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски.

Според него, неопходно е максимално да се искористува потенцијалот на општините ако сакаме да го задржиме населението и да создадеме подобри услови за живот на сегашните и идните генерации.

-Во тој правец, веруваме дека новоизбраните градоначалници овојпат ќе отворат нови можности за соработка со деловните заедници во државата, бидејќи тоа е единствениот и правилниот начин за позитивно функционирање на општествените структури. Нашите очекувања се насочени кон блиска соработка со локалните власти, што пред се подразбира вклучување на деловните заедници во креирањето на развојните програми и активности на општините, потенцира Адемовски.

Тој додава и дека бизнисот очекува градоначалник кој ги знае проблемите на својата општина, кој е во комуникација со јавноста, отворен за консултации и дијалог.

-Градоначалникот е личноста која може да го подобри квалитетот на животот во општината. Ние имаме идеи кои можеме да ги предложиме до кандидатите за градоначалници. Постојат многу отворени прашања, како и многу области каде е потребно да се интервенира. Во тој правец, една од најприоритетните области е подобрувањето на квалитетот на воздухот и воспоставување на интелигентен транспорт. Според мене, како претседател, а верувам многумина го делат моето мислење, потребно е да се преземат чекори за намалување на емисиите на штетните гасови од сообраќајот преку чист јавен превоз, односно железнички системи, како метро, трамвај или електрични автобуси, како и унапредување и поттикнување на помасовна употреба на велосипеди преку отворање нови велосипедски патеки. Во таа насока, ја подржуваме секоја иницијатива со која ќе се поттикнува употреба на електрични возила и други алтернативни превозни средства, но и создавање средина за „car pool“ метод кој е широко користен во странство и кој ја намалува употребата на возилата со само еден патник, истакнува Адемоски.

Негов став е и дека во урбаното живеење и работење треба да се следат модерните трендови од развиените земји, што подразбира интелигентно управување со животната средина, интелигентни „смарт“ технологии и организирани зелени индустриски зони.

-Во секој случај, можностите за работа и подобрување на општественото живеење се отворени и многубројни. Како деловна заедница секогаш сме отворени и подготвени да се вклучиме во активностите и иницијативите на општините кои ќе обезбедат подобар живот на граѓаните и ќе придонесат кон задржување пред се на младите луѓе во нашата земја, подвелкува претседателот на МАТТО.

Според потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски, исклучително важно е општините да обезбедат стабилност во своето финансиско работење за да бидат во можност навремено и во целост да ги извршуваат своите финансиски обврски кон приватниот сектор.

-Не станува збор за тоа што очекува Комората од конкретниве локални избори, туку што очекува Комората од начинот на функционирање на локалните самоуправи без оглед на тоа какви ќе бидат резултатите на овие или кои било наредни локални избори. Приватниот сектор очекува од општините ефикасност во извршување на сите нивни активности што го обликуваат локалниот економски амбиент. Тоа вклучува изработка на урбанистички планови, брзо и ефикасно издавање на потребните дозволи и согласности од било кој вид, давање квалитетни услуги во рамки на надлежностите на локалната самоуправа. Општините и приватниот сектор делуваат во насока на побрз економски раст и развој и подобри услови за живот на граѓаните и во тој контекст треба да имаат взаемен респект и добра соработка, вели Јовановски.

Неможноста да се наплатат побарувањата, понекогаш и во подолг временски период како и во поголеми, акумулирани износи, оценува Јовановски, многу неповолно се одразува на ликвидноста на компаниите од приватниот сектор со сите други негативни последици што следат. Ова прашање бара системско решение, подвлекува потпретседателот на Стопанската комора, како што се најавените законски измени за идните зголемени извори на финансирање на општините, како и соодветна измена на членот 218 од Законот за извршување.

-Компаниите од приватниот сектор им испорачуваат производи или услуги на општините, но се случува да имаат проблем да ги наплатат своите побарувања по таа основа. Ваквиот проблем се случува дури и во ситуации кога компаниите имаат судски пресуди, не може да се направи извршување, заклучува Јовановски.