Пристигнаа првите реакции по Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа завчера во Брдо кај Крањ, како и за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дадена таму за барањата на Софија со цел да ја тргне блокадата и Северна Македонија да почне преговори со ЕУ. Европската комисија, во одговор на прашањето на МИА за вчерашната изјава на Радев, со став дека земјите-членки под ниту еден услов не смеат да се мешаат во внатрешните работи на други држави, независно дали се членки на Унијата или не. Премиерот Зоран Заев, пак, оптимист по средбите што ги имале со Радев, со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, изразувајќи уверување дека може да се најде решение со Бугарија до крајот на декември затоа што, како што нагласи, различностите не се толку големи.
Земјите-членки на ЕУ под ниту еден услов не смеат да се мешаат во внатрешните работи на други држави, независно дали се членки на Унијата или не, велат од Европската комисија, одговарајќи на прашање на дописничката на МИА од Брисел за изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев, откако тој изјави дека очекува 120 илјади граѓани во Северна Македонија да бидат попишани како Бугари.
– Повеќе од 120.000 граѓани на Република Северна Македонија, се и граѓани на Република Бугарија, врз основа на нивна недвосмислено изразена волја и на претставени објективни документи за потекло. Други десетици илјади го чекаат својот бугарски пасош и очекуваме таа реалност да биде отсликана и при пребројувањето на населението во Република Северна Македонија, изјави Радев.
Радев завчера повторно се осврна на тоа дека Северна Македонија треба да ги исполни своите обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и ја потенцира потребата од јасни законски гаранции дека Скопје ќе ги исполни своите обврски пред Софија да го укине ветото за почеток на преговорите. – Очекуваме билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Мене ме интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, за да кажеме „да“, рече Радев.
Портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, не сакаше да одговори специфично за случајот со Северна Македонија, но потсети на принципиелната позиција на Еврокомисијата.
– Никогаш не е прифатливо една земја да и диктира што било на друга земја, рече Спинант, додавајќи дека во случајот со пописот во Северна Македонија доколку станува збор за методолошки прашања, Европската комисија не коментира, но сака да се реши спорот со Бугарија што поскоро.
Спинант истакна дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, завчера од самитот во Брдо кај Крањ во Словенија уште еднаш побарала надминување на овој билатерален спор за да можат да започнат преговорите помеѓу ЕУ и Северна Македонија.
– Сакаме да се реши ова билатерално прашање, поради кое Бугарија не прифаќа одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, рече портпаролката на Еврокомисијата.
Фон дер Лајен се сретна со премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Радев, во присуство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и словенечкиот премиер Јанез Јанша. – Тоа беше темата. Да им се даде поттик на двете земји. За нас е многу важно да се изнајде решение, за да не се одложи процесот. Не коментираме затоа што разговорите меѓу двете страни продолжуваат, додаде Спинант.
Премиерот Зоран Заев, од своја страна, вчера изрази уверување дека може да се изнајде решение со Бугарија до крајот на декември затоа што, како што нагласи, тоа е можно, бидејќи различностите не ни се толку големи и имаме должност да отвораме иднина, а не да бидеме заглавени во минатото.
– Никогаш не сум ги видел вака настојчиви канцеларката (Ангела) Меркел и претседателот (Емануел) Макрон, да бидат прецизни, да бидат јасни, разговарајќи и со мене и со претседателот Радев, заради следниот исчекор во овој правец, рече Заев, одговарајќи вчера на новинарско прашање дали препознал искрен обид кај Меркел и Макрон за решавање на спорот со Бугарија.
Декларацијата, потенцира Заев, е прецизна, зборува за проширувањето во сите детали, а така прецизна била во 2003 година на Солунскиот самит. Тој изрази благодарност за сите досега усвоени декларации во Софија, Загреб и на другите самити во изминатиот период од 18 години.
На новинарско прашање кога Северна Македонија конечно ќе го добие датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, премиерот потсети дека земјава во март 2020 година доби одлука со гласање на 27 земји – членки за одлука за почеток на преговорите и тоа е добиено, што не беше случај од 2005 година наваму.
Резимираше дека лани имавме одлука на Европскиот Совет со сите 27 земји – членки за почеток на преговорите, а сега очекуваме одржување Советот за општи работи во декември да ја донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка во која пишува дека преводот на акито ќе биде на македонски јазик и закажување веднаш до крајот на годината на првата меѓувладина конференција.
Следните одлуки, нагласи премиерот, се на Советот за општи работи, каде треба да се потврди Преговарачката рамка и се закажува првата Меѓувладина конференција. – Одлуките се донесени од лани, исчекорот е направен и тоа е голема придобивка. Ние сега го имаме следниот получекор, а тоа е прва меѓувладина конференција, потоа следува другиот получекор, а тоа е скрининг процесот и отворањата на поглавјата односно кластерите, изјави Заев.
Прашан за изјавата од шефот на дипломатијата Бујар Османи кој рече дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија не е пречка, но не можеме да бараме реципроцитет, премиерот Заев одговори дека вклучувањето на Бугарите во Уставот, наши граѓани кои се со етничка определба дека се Бугари апсолутно никогаш не било проблем во нашата земја и не верува дека и сега е проблем.
Прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртви на комунизмот, на работата на историската комисија, прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот, се петте точки што се постојана тема на разговорите со Бугарија и во рамки на обидот за одржување на меѓувладината комисија и надминување на спорот со цел тргање на блокадата. Б арањето за вклучување на бугарската заедница во Уставот не е спротивно на нашите интереси, бидејќи земјава никогаш немала проблем да признае различни етнички групи кои имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути, па ниту на бугарската заедница во Северна Македонија .
Ова вчера го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со патоказот со пет плус едно прашање, кој како можно решение за спорот завчера на самитот во Брдо беше споменат и од високите претставници на Унијата. Патоказот би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.
– Сметам дека Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за еден народ во две држави во позиција во која што велат има една бугарска заедница со свој идентитетски и културни атрибути од таа на мнозинската заедница. Северна Македонија никогаш немала проблем да признае различни етнички групи, па ниту бугарската заедница во Северна Македонија. Самиот факт што заедно со другите заедници – македонската, албанската, турската се бара како посебна да се вклучи и бугарската заедница е на линија на ставот дека во РСМ постојат различни етнички заедници кои имаат право да ги искажат своите атрибути, меѓутоа тоа ќе се случи како што кажа и премиерот во моментот кога ќе се отвори Уставот заради членство во ЕУ. Ние немаме никаков проблем да ја вклучиме и хрватската заедница и другите заедници бидејќи таков ни е концептот на уредување на државата во којшто признаваме колективно организирање на граѓаните врз основа на етничките карактеристики, вели Османи.
За другите посочени прашања од патоказот, рече дека се прашања коишто се разговараат подолго време за кои сметаат дека може да се најде решение.
Според него, не е можен реципроцитет по однос на вклучување на македонското малцинство во Уставот на Бугарија бидејќи вели, станува збор за две различни уставни уредувања по однос на организација на граѓаните врз основа на етничката припадност во Северна Македонија и во Бугарија, а Бугарија согласно нејзиниот Устав не препознава, за разлика од нас, организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност.
На прашањето дали ноември е краен рок за усогласување на патоказот, за да добиеме зелено светло во декември, шефот на дипломатијата посочи дека тоа е цел на Владата. -Мислиме дека тие пет точки, заедно со шестата, а мислиме дека треба да има и седма точка – тоа е одлуката за одржување меѓувладина конференција, доколку може да се усогласат како пакет, мислам дека може да биде решение за надминување на разликите и ние ќе работиме на тоа. Нашиот прв таргет е 14 декември кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ, рече министерот Османи.
Разговорите со Софија, како што појасни, се водат во рамки на декларацијата донесена од нашето Собрание и од насоките на Владата и дипломатијата има можност во тој простор да најде решение кое ги задоволува двете страни.
– Овој процес мора да ги изнесе како победници двете страни, инаку нема да има одржливо решение, истакна Османи.
Според него, спорот со Бугарија останува едниствена пречка на патот кон ЕУ интеграцијата.
Запрашан во однос на тоа дали Декларацијата од Самитот од Брдо значи уназадување на процесот на проширување бидејќи не даде датуми, шефот на дипломатијата посочи на примерот со изјавата на поранешниот претсдетаел на ЕК Жан Клод Јункер во 2018 кога излезе со една индикативна временска рамка за 2025 како година во која што може да станат членки Србија и Црна Гора, а која потоа излезе дека е нереална. – И оттука, сметам дека спомнувањето на датуми без да има суштински прогрес кој гарантира предвидливост не ни помага на нас во регионот. Нас ни помага одржување на кредибилитетот на процесот. Ние сме лакмус тестот дали овој процес којшто го промовира ЕУ како перспектива за Западен Балкан е воопшто кредибилен или не, вели Османи.
За економско – инвестицискиот план, смета дека не е компензација, ни алтернатива за нашето членство, туку е суштинска поддршка на процесот на трансформација на регионот. Тој подвлекува дека процесот на пристапни преговори има за цел членство, меѓутоа не гарантира членство, посочувајќи на ситуацијата со Турција која што со години и децении преговара.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, вчера во интервју за „Само вистина“ рече дека „доколку клучните земји во ЕУ сметаат дека Македонија треба да почне преговори ќе го решеа проблемот со Бугарија за едно попладне или едно претпладне. И тоа се знае како се прави, ќе пуштеа едно до двајца дипломатски булдожери во Софија и во рок од неколку часа проблемот ќе беше решен“.
Тој додаде дека Бугарија не е единствената пречка на Македонија да започне преговори со ЕУ. – Имаше едно интервју за еден македонски медиум Јоргос Катругалос кој скоро беше министер за надворешни работи на Грција, значи не е слуачен човек, сега е пратеник во грчкиот Парламент и шеф на грчката делегација во Совет на Европа, каде што многу прецизно кажува дека не е само Бугарија проблемот, рече Николоски.
Во меѓувреме, албанскиот премиер Еди Рама, во првата реакција од Тирана, по Самитот ЕУ- Западен Балкан одржан во Брдо кај Крањ, во Словенија, рече дека вo EУ зборот проширување се користи сe помалку.
-Мислам дека станува се појасно дека проширувањето и членството на Западен Балкан е сe помалку реторика на ЕУ. Проширувањето е збор кој се помалку се користи со страст и волја со која се користеше пред неколку години и нема сомнение дека на процесот на проширување ќе му треба повеќе време, затоа ЕУ треба да го вклучи Западен Балкан во заеднички дела, рече Рама.
Со цел приближување на Балканот до ЕУ, според премиерот, инициран е процесот „Отворен Балкан“, кој не е во спротивност со „Берлинскиот процес“, туку е анекс кон него. -Има многу конфузни дискусии за Берлинскиот процес, за Отворен Балкан, но за мене тоа е многу јасно. Отворен Балкан е инспириран од Берлинскиот процес, тоа е природен развој на Берлинскиот процес, тој е инструмент создаден во регионот, за да се пласираат сите напори од регионот, за да се имплементираат принципите и целите на самиот Берлински процес, додаде тој.
И американскиот Стејт департмент излезе со соопштение по завршувањето на Самитот во Брдо. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на својот Твитер профил ја поздрави изјавата на ЕУ за Западен Балкан по Самитот на Брдо кај Крањ.
– Ја поздравуваме изјавата на ЕУ за Западен Балкан. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија продолжуваат да ја покажуваат својата посветеност кон реформите. Клучно е вратите на ЕУ да останат отворени за нив, наведе портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Регионот од Самитот во Брдо кај Крањ доби безрезервна поддршка за европската интеграција, потсетување на строгите критериуми што треба да ги исполни, но и помош во справување со ковид кризата, како и инвестициски план вреден 30 милијарди евра во следните седум години. Но, доби и потсетување дека ЕУ во целиот тој процес ќе се фокусира и на самата себе, на своите внатрешни предизвици и на реална проценка и надградба на капацитетите да прима нови членки.
Беа поздравени реформите во клучните области – владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на медиуми и економските реформи и беше потенцирано дека е потребно да се одржи нивниот курс.