Земјите членки на ЕУ под ниту еден услов не смеат да се мешаат во внатрешните работи на други држави, независно дали се членки на Унијата или не, потсети денеска Европската комисија одговарајќи на прашање на дописничката на МИА од Брисел за изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев.
МИА денеска побара реакција од Европската комисија откако бугарскиот претседател Радев вчера во Словенија изјави дека очекува 120 илјади граѓани во Северна Македонија да бидат попишани како Бугари.
– Повеќе од 120.000 граѓани на Република Северна Македонија, се и граѓани на Република Бугарија, врз основа на нивна недвосмислено изразена волја и на претставени објективни документи за потекло. Други десетици илјади го чекаат својот бугарски пасош и очекуваме таа реалност да биде отсликана и при пребројувањето на населението во Република Северна Македонија, изјави Радев.
Портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, не сакаше да одговори специфично за случајот со Северна Македонија, но потсети на принципиелната позиција на Еврокомисијата.
– Никогаш не е прифатливо една земја да и диктира што било на друга земја, рече Спинант, додавајќи дека во случајот со пописот во Северна Македонија доколку станува збор за методолошки прашања, Европската комисија не коментира, но сака да се реши спорот со Бугарија што поскоро.
Спинант истакна дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера од самитот во Брдо кај Крањ во Словенија уште еднаш побара надминување на овој билатерален спор за да можат да започнат преговорите помеѓу ЕУ и Северна Македонија.
– Сакаме да се реши ова билатерално прашање, поради кое Бугарија не прифаќа одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, рече портпаролката на Еврокомисијата.
Фон дер Лајен вчера се сретна со премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Радев, во присуство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и словенечкиот премиер Јанез Јанша.
– Тоа беше темата. Да им се даде поттик на двете земји. За нас е многу важно да се изнајде решение, за да не се одложи процесот. Не коментираме затоа што разговорите меѓу двете страни продолжуваат, додаде Спинант.