Руте: Ќе сториме се за побрзо деблокирање на стартот на пристапните преговори Северна Македонија со ЕУ

Холандија се надева дека по изборите во Бугарија ќе дојде до напредок во надминување на спорот меѓу Скопје и Софија и ќе стори се што е во нејзина моќ за надминување на бугарската блокада за старт на пристапните преговори Северна Македонија со ЕУ, изјави денеска холандскиот премиер Марк Руте пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

– Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија се уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме се што можеме за тоа да се случи, нагласи Руте.