Македонскиот јазик и идентитет не само наше најважно прашање, туку се и европска вредност, порача Заев

Има поместување во ставовите, затоа што Бугарија се повеќе ја разбира неопходноста на нашите потреби, прашања и важни аспекти од разговорите преку кои не може да се помине. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се само наше најважно прашање, тие се и европска вредност, како што е бугарскиот идентитет и бугарскиот јазик европска вредност, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по Осмиот форум на граѓанско општество на Западен Балкан, што се одржува денеска во Скопје.

Напорите, посочи Заев, на еврокомесарот Оливер Вархеј и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се до крајот на годината, од 14 до 17 декември за Советот на Европа да имаме позитивно решение.

– Дотогаш треба да работиме сите страни. Северна Македонија и Бугарија, но и ЕУ за да ја постигнеме таа цел, изјави Заев.

Поместувањата со Бугарија, појасни Заев, се на меѓусебно разбирање, но не се дефинирани сите чекори и правци и за тоа треба да се разговара.

– Ова се сериозни и позитивни пораки на Бугарија, кои што сакаме да возвратиме, исто така, апсолутно со позитивни пораки. Јас верувам, пред се паметните луѓе, експертите од министерствата за надворешни работи, но и ние политичарите, на крајот да бидеме паметни за да обезбедиме и добра сегашност и добра иднина и на Македонците и на Бугарите, и на сите граѓани на Северна Македонија за подобра иднина со нашиот источен сосед, за кој што јас многу често знам да кажам дека сме братски народ, појасни Заев.

Прашан дали Бугарија ќе прифати дека не сме вештачки народ и нација создадена по 1945 година, Заев рече дека не сака да коментира одредени разговори и интервјуа или медиумски натписи, затоа што бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Стефан Јанев никогаш тоа го немаат кажано пред него.

– Тие веруваат во нашето пријателство, нашата соработка и нашето добрососедство. Ја чувствуваат потребата да помогнат од бугарска страна, како што и ние чувствуваме од македонска страна да помогнеме, затоа што е многу важно каква историја и денеска пишуваме. Историјата, никој не бара ние да ја утврдиме и конечно заокружиме. Историјата, уште во договорот за добрососедство има намера да биде мост на пријателство и соработка, изјави Заев.

Во тој дух, нагласи Заев, не може да квалификува одредени коментари кои што се појавуваат.

– Точно кај нас тие коментари болат, како што тие реагираат кога се појавуваат кај нас одредени коментари, но тоа не се официјални службени коментари. Никогаш претседателот Радев или премиерот Јанев не испорачале ваква работа пред мене како претседател на Влада, изјави Заев.