Пораката е недвосмислена, иднината на Западен Балкан е во ЕУ, се очекува јасна перспектива на Самитот во Брдо

Иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Се додека доаѓа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и вели дека поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е недвосмислена, ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме и докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата. Таа од Скопје ја испрати пораката за силна поддршка, оддаде призание за постигнатиот напредок во реформите и рече дека е ангажирана на тоа, до крајот на оваа година Северна Македонија да ги почне преговорите за членство.

Ова е ставот на официјални претставници на државава, во врска со објавената наводна нацрт-декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, во која се тврди дека ЕУ „веќе не може да се усогласи да даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“.

Во исто време, еден ден по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на земјава, вчера во Скопје допатува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој по средбата со премиерот Зоран Заев, се огласи на „Твитер“ дека со Заев разговарале „како да го придвижиме напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија“.

– Со нетрпение го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија. Западен Балкан е клучен приоритет за Европската комисија, иднината на регионот е во ЕУ. Разговаравме како да го придвижиме напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија, напиша Вархеји на „Твитер“.

Во исто време и премиерот Заев на „Твитер“ објави дека се сретнал со Вархеји, со кого, како што напиша, отворено разговарале за неколку теми како што е економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината.

– Една од темите на разговор ни беа и подготовките кои ни претходат за претстојниот самит Западен Балкан во Словенија следната недела каде ќе имаме одличен простор за заедничка дискусија. Европскиот пат е важен за двете страни и за Северна Македонија и за ЕУ и посветени сме на тој процес, напиша премиерот Заев на „Твитер“.

Од Европската комисија пред посетата на Вархеји на Скопје посочија дека еврокомесарот е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.

Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што со претседателот Румен Радев и техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговараше за отстранување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Посетата на Вархеји на Скопје следува еден ден по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која на разговорите со властите во земјава исто така разговараше и за прашањето со Бугарија и неговото надминување. Таа изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава. 

Во меѓувреме шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека се додека доаѓа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и вели дека поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е недвосмислена, ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме и докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со објавената наводна нацрт-декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

– Во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. Некои тоа го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново. Други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан, вели Османи.

Шефот на дипломатијата посочува дека без разлика за која варијанта и да станува збор, пораката не е добра во однос на едногласноста на ЕУ во односот кон Западниот Балкан, што сепак, како што вели, но не е ништо ново.

– Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може да дојдат да се зачленат уште шест нови земји членки, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари, потенцира Османи. Но, според него, сепак е добро што на Самиот во Брдо кај Крањ на иста маса ќе седнат челниците на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан и повторно ќе се разгледуваат перспективите на регионот.

По текстот што го објави агенцијата Ројтерс вчера дека некои земји членки бараат крај на проширувањето на ЕУ, повеќе дипломати за МИА тврдат дека текстот „е попесимистички од реалноста“ и оти станува збор за тензии околу заклучоците од Декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Словенија идната недела, јави дописничката на МИА од Брисел.

Објавата на Ројтерс всушност се однесува на дискусија помеѓу амбасадорите на земјите членки на ЕУ која се одржала на 15 септември објаснуваат за МИА неколку дипломатски претставништва на ЕУ во Брисел.

Како и пред секој самит помеѓу ЕУ и Западен Балкан, амбасадорите го усогласуваат текстот од Декларацијата што треба да произлезе од истиот, и што треба да им биде предаден на лидерите. Овие самити, потсетуваат дипломатите, последниве години (под бугарско и под хрватско претседателство) никогаш не се однесувале на проширувањето. Секој пат, меѓутоа, се повторува поддршката на ЕУ за европската перспектива на Западниот Балкан.

Додека првата верзија од Декларацијата гласи: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор“, неколку земји членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес.

Ова барање, според дипломати присутни на состаноците, ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат побарале да се набројат строгите услови за проширувањето и со тоа сакале да испратат порака дека проширувањето „не е готова работа“.

Поради овој судир помеѓу земјите кои се залагаат и оние кои се противат на проширувањето се појавиле тензии помеѓу амбасадорите уште пред две недели, а темата е ставена на ред за идниот петок, односно последниот амбасадорски состанок пред да се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Зошто дипломатите одлучиле да ги брифираат Ројтерс токму на денот кога претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ја започна својата балканска турнеја, останува нејасно, но не сите во Брисел изразуваат загриженост поради овој текст.

Останува исто така да се види што ќе стори словенечкото претседателство во петок кога треба да понуди компромисно решение за Декларацијата: дали ќе се врати првичната вообичаена формулација на поддршка за перспективата или ќе излезе со некое друго креативно решение.

Но, потсетуваат дипломатите, факт е дека проширувањето е една од многу поларизирачки теми во Европската Унија, помеѓу од една страна Данска, Франција и Холандија, а од другата претежно земјите од источниот блок кои сакаат побрзи и поконкретни реализации во областа на проширувањето, како отворање нови поглавја со Србија и Црна Гора и почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија.

Нејасно е каде точно стои Германија во оваа дискусија. Додека некои дипломати брифираат дека Германија е на страна на амбициозните за проширувањето, други тврдат дека таа држи побалансирана позиција помеѓу двата табора, посебно со оглед на тоа дека земјата е дипломатски значително ослабена.

Декларацијата од самитот во Словенија не е на дневен ред на денешниот амбасадорски состанок како што се најавуваше во одредени медиуми. 

Во исто време, „ЕУОбзервер“ утрово објавува ексклузивен интерен документ на земјите членки во ЕУ во кој се истакнува дека слободниот визен режим со земјите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Украина повторно се доведува во прашање, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Ова доаѓа повторно додека претседателката на Европската комисија го посетува регионот, како и брифингот на високи дипломатски извори за Ројтерс дека некои земји членки бараат да се стави крај на проширувањето на ЕУ. Според документот во кој „ЕУОбзервер“ имал увид Германија, Франција и Италија се гневни за „злоупотребата“ на визниот режим од страна на граѓани на земјите од Западен Балкан, како и на трите земји од Источното партнерство, кои бараат исто така формално членство во ЕУ.