Ова се избори на кои ја имаме последната шанса за промени и подобро утре. Заеднички да градиме пактови и сојузи за иднината, да работиме за иднината, а од се што беше погрешно во минатото да извлечеме поука и заедно да се корегираме, истакна вечерва лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На митингот во Струга на кој беше промовирана советничката листа за претстојните избори, Мицкоски ги повика стружани својот глас да го дадат за Идри Истрефи, кандидатот за градоначалник на Алијанса за Албанците и Алтернатива, бидејќи, како што рече, тој е човекот, што ќе ја обедини Струга.
– Сите заедно да покажеме дека не не поседуваат и кога е најтешко сме се обединиле да ги поразиме, а потоа да ги градиме нашата Струга и Македонија од почеток, рече Мицковски.
Навраќајќи се на владеењето на СДСМ и ДУИ, забележа дека ја заробиле државата и го ограничиле развојот на Струга, се, според него, за лични и партиски интереси. Нагласувајќи дека Струга е мултиетничка средина и оти селењето на младите подеднакво ги засега сите националности.
Одговарајќи си на прашањето што значи за него победа, нагласи дека победа е да направи спротивно од она што се случуваше во изминатите 30 години.
– Победа е да го корегираме се она што не чинело до сега, да создаваме вредности и принципи. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи, кога ќе констатираме дека сме погрешиле, ќе се извиниме и ќе се корегираме, а грешката ќе ја исправиме. Победа е кога ќе се почитуваме дури и тогаш кога сме различни. Да создаваме вредности и принципи. Да има одоговрност кога треба. Да создаваме, да работиме, да одиме напред, да имаме цели, а целта е да влеземе во ЕУ, рече Мицкоски.
Порача дека треба да се изгради заеднички, модерен, нов и обединувачки патриотизам.
– Да ја победиме заедничката мака, да создадеме заедничка иднина, да се разбираме едни со други, да покажеме дека политичарите од власта ги немаат гласовите в џеб и дека за да ја добијат довербата од граѓаните треба да работат. Заеднички да успееме да ги вратиме луѓето кои се исселија од земјата, да бидеме без предрасуди, да ги победиме, криминалот и корупцијата, додаде лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
За подобар стандард на граѓаните, подвлече, потребни се нови инвестиции, промени…, а тоа нагласи, го нудат во над 14. 835 проекти од различни области. Во партиските програми на локално ниво, истакна дека нудат повеќе од 2.000 улици ширум Македонија, над 100 градинки, 150 училишта, спортски сали, гасификација, паркови…
Носителот на советничката листа на опозициската ВМРО – ДПМНЕ во Струга Ален Деребан нагласи дека стружани се исправени пред судбоносни моменти за одлука од која им зависи иднината.
– Уште еден мандат за досегашниот градоначалник и мнозинство во Советот на општината, ќе значи одлив на многу наши средства и уништување на уште малку од она што остана недопрено. Гласно порачуваме дека е време СДСМ и ДУИ да бидат симнати од власт и да заминат во историјата, рече Деребан.
Струга, нагласи, одамна не е пристојно место за мирен и нормален живот, за работа, за развој на бизнисите, без елементарни услови за живот.
– Затоа, не само младите генерации, туку цели семејства се иселуваат, не гледајќи перспектива тука. Не се иселуваат само тие кои бараат егзистенција, која е тешко да се обезбеди овде, туку и такви кои повеќе не можат да го поднесат сето безредие и беззаконие, посочи носителот на советничката листа.
Побара од граѓаните силна поддршка, за како што рече да ѝ го вратат сјајот на Струга.
– Како носител на листата на кандидати за советници од ВМРО-ДПМНЕ, верувам во секој еден на листата, во нивната стручност и искреност, во непоколебливоста и истрајноста да се остварат зацртаните цели. Како тим нудиме одлична програма, во која е зацртана визијата во каков град и населени места сакаме да живееме и која ги опфаќа најгорливите проблеми, нудејќи решенија, подвлече Деребан.
По митингот во Струга и претставувањето на советничката листа, ВМРО – ДПМНЕ, вечерва ќе одржи митинг и во Ресен.