Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, кој престојува во посета на Република Северна Македонија, на која било разговарано за продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, со акцент на интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, двајцата оцениле дека двете држави имаат пријателски билатерални односи, без отворени прашања. Изразувајќи подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, претседателот Пендаровски и Џаферовиќ разговараа за можноста за воспоставување на директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, како и за можноста за отворање на Катедра за изучување на босанскиот јазик во Северна Македонија.
Пендаровски посочил на интересот на Република Северна Македонија за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена со Босна и Херцеговина, која, како што било посочено на средбата, заостанува зад добрите политички односи.
На средбата, се вели во соопштението, соговорниците разменија мислења во однос на европските аспирации на двете држави. Претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката од нашата држава за европските аспирации на БиХ. Исто така, претседателот Пендаровски изрази и подготвеност за споделување на искуства во однос на НАТО интегративниот процес. Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните состојби во регионот.