Партиите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори, денеска треба да биде заклучен Избирачкиот список

Политичките партии и нивните подмладоци се обврзаа на демократски изборeн процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Изборната кампања за првиот круг од локалните избори, согласно Роковникот на Државната изборна комисија почнува од понеделник и ќе трае до 15 октомври, а денеска треба да биде заклучен Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, а кој треба најдоцна до 1 октомври да биде потпишан.

Претставници од сите политички партии, учесници на претстојните избори, вчера го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со што преземаат одговорност дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеењето и ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски, на настанот по повод потпишувањето, истакна дека електоратот треба да биде слободен, избирачкото тело мора да биде соодветно информирано, а гласањето тајно.

Со Кодексот, согласно Роковникот на ДИК, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Северна Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал. Со Кодексот учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат.(член 8-в) согласно планот и програмата на ДИК.

Премиерот Зоран Заев, изјави дека само со одржување фер и демократски избори сите во земјава можат да бидат победници.

-Денеска го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори, бидејќи со избори кои се европски ќе победиме сите. Тоа е најважното затоа што сега нема назад. Неколку избори наназад во овие четири години имаме пример за фер и демократски избори и секои нови се се подобри и подобри. Законските решенија ги имаат во најголем дел имплементирано препораките на ОДИХР и ОБСЕ, рече Заев.

Тој нагласи дека сите учесници во изборите треба да се заложат да имаме фер и демократски избори.

Подмладоците на 34 политички партии вчера, на друг настан, потпишаа Декларација за фер, слободни и демократски избори и против говор на омраза.

Политичките подмладоци се и тоа како важен стратешки партнер за организирање и за спроведување на изборите, порача Билјана Јанева, извршната директорка на Институт Охрид, кој беше организатор на настанот.

Државната изборна комисија, вчера го усвои Предлог-упатството за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, кое произлегло од новите измени на Изборниот законик.

Една од измените е дека граѓаните можат да гласаат со истечена лична карта, која им е истечена од денот на распишување до денот на одржување на изборите. Втората измена, е дека граѓаните ќе можат да гласаат со патни исправи, но важноста на патната исправа ќе се смета со рок на важност од 31 јули 2020 до 31 декември 2021 година. Третата измена се однесува на тоа граѓаните кои не се во Избирачкиот список, а ги исполнуваат условите да гласаат на денот на изборите по добивање решение од ДИК.

Претседателот на Избирачкиот одбор или неговиот заменик, ќе имаат посебни идентификациски смарт картички и единствено тие ќе бидат овластени за управување со уредот за биометриска идентификација на граѓаните. Ова е новина, која произлегува од потребата од новиот начин на идентификација на гасачите и ќе биде посебно применета на обуките кои се прават на целата изборна администрација во однос на целата постапка на гласањето.

Првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог“. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.

Се уште трае и рокот за поднесување на барања за набљудување на изборите. Сите заинтересирани може да аплицираат до 6 октомври.

Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела. Поради Ковид-19, тие ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот.