Манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ утре го слави својот патрон

Манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ утре го слави својот патрон Рождество на Мајката Божја или кај народот попозната како Мала Богородица.

За одбележување на патрониот празник во манастирот ќе биде организирана програма со почитување на сите мерки пропишани за здравствена заштита и превенција од коронавирусот, поточно задолжително носење заштитни маски, користење средства за дезинфекција и почитување на потребното социјално растојание.

-По повод патрониот празник на манастирот„ Пресвета Богородица-Пречиста“, вечерва наспроти денот на Рождеството на Мајката Божја, ќе биде отслужена вечерна богослужба. По вечерната богослужба во 18:30 часот, ќе се отслужи Акатист на Пресвета Богородица На самиот празник ќе биде отслужена утрена богослужба  со почеток во 7:30 часот а Светата Архиерејска литургија ќе започне во 9 часот и со која ќе чиноначалствува  Митрополитот Дебарско-Кичевски г-дин Тимотеј во сослужение со еромонаси од Бигорскиот манастир и Кичевското архиерејско намесништво-информира свештеникот Александар Крстаноски.

За овој ден традиционално манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ е посетен од голем број верници од сите градови од земјава, кои при посетата палат свеќи и се молат за здравје,го даруваат манастирот со разни подароци, а не мал број на верници манастирот го даруваат и со жив добиток.

Од старешинството на манастирот уште еднаш ги замолуваат сите поклоници кои ќе го посетат манастирот, да се придржуваат до сите мерки за заштита од коронавирусот.

Инаку секоја година на овој празник се избира кум на манастирот, кој на храмот ќе му служи во наредните 12 месеци. Низ годините и вековите, бурна историја е поврзана за овој преубав верски храм, манастир со најголема црква во земјава.