Османи: Политичката стабилност на Германија поттик за проширувањето на ЕУ

Политичката стабилност на Германија е важен предуслов за просперитетна и обединета Европа, а воедно претставува и основен поттик за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, истакна денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на средбата во Скопје со  пратеникот од редовите на Зелените во германскиот Бундестаг, Мануел Сарацин.

Османи на средбата со Сарацин, кој е и член на комисиите за надворешни работи и за европски прашања при Бундестагот, изрази задоволство од напредокот во остварувањето на нов договор за нова големата коалициска влада во Германија, изразувајќи притоа и надеж дека позитивниот импулс и поддршката за процесот на проширување подеднакво ќе бидат рефлектирани и во новиот состав како и досега.

– Имајќи ја предвид политичката поддршка, како и финансиската и развојна поддршка на Македонија, Германија ја сметаме за земја пријател и партнер на земјава со огромна поддршка за нашите европски и евроатлантски аспирации, што и лично ни беше потврдено од страна на канцеларката Меркел, како и од претседателот Штајнмајер, истакна Османи.

Изрази благодарност до Германија и за нејзината активна улога во одржување на процесот на проширување високо на агендата на ЕУ, особено преку иницијативата на „Берлинскиот процес“.

Вицепремиерот нагласи дека Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година претставува еден од клучните документи со кои ќе се зацврсти европската ориентација на земјите од регионот, туку во неа е прецизно валоризиран и скорешниот напредок на Република Македонија.

– Со тоа се отвора можност за враќање на Република Македонија на европскиот колосек и нејзино приклучување кон динамиката на проширување 2025, додаде Османи на средбата.