Шекеринска во посета на САД – средби во Пентагон и Вермонт

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во неколкудневна посета на САД. Шекеринска во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана на САД за политички прашања, Колин Кал и со помошничката на секретарот за одбрана, Лора Купер. Министерката ќе има средба и во Стејт Департментот, со помошникот државен секретар и прв човек на Бирото за политичко-воени прашања, Тимоти Алан Бетс.

-Ова е трета работна посета на Шекеринска на Вашингтон и на Пентагон што претставува силна потврда дека односите и билатералната одбранбена соработка со САД го достигнаа својот историски максимум во овој период и сигнал дека реформите и напредокот во одбраната се одразија позитивно на сојузничкиот капацитет на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, информираат од Министерството за одбрана (МО).

Според МО, во Пентагон Шекеринска ќе се обрати и на церемонијата за откривање на македонското знаме во холот на НАТО на која ќе присуствуваат претставници на Пентагон и на американската амбасада во Северна Македонија.

Министерката ќе има средби и со началникот на Бирото на националната гарда, генералот Даниел Хокансон и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Грегори Најт.

Во Вашингтон, делегацијата предводена од министерката Шекеринска ќе разговара и со директорката на Агенцијата за одбранбено-безбедносна соработка, Хајди Грант, а ќе ги посети и Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија, при што ќе има средба со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт и со претседателот на НДИ, Дерек Мичел.

При посетата на Вермонт, со чија Национална гарда, Армијата на Република Северна Македонија има исклучително богата и долга соработка, министерката Шекеринска ќе се сретне со гувернерот на Вермонт, Фил Скот, ќе ја посети базата на Воздухопловната национална гарда каде ќе се сретне со командантот на базата, полковникот Ендрју Шефчик, а ќе го посети и полигонот за планирање и операции.

Шекеринска во Вермонт ќе биде брифирана и во Оперативниот центар за итни случаи, каде ќе се запознае со начинот на кој оваа сојузна држава се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите.

При посетата на САД, Шекеринска ќе оддаде почит и на Националните гробишта  Арлингтон, каде ќе положи венец со свежо цвеќе на гробот на незнајниот војник.