Собранието во пресрет на Локалните избори закажани за 17 следниот месец усвои измени на Изборниот законик за зголемување на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес. Во таа насока, за остварување целосен надзор, сите државни институции се задолжени до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за сите моторни возила со кои располагаат со цел увид во нивното користење за време на изборите и спречување на евентуални злоупотреби.
Измените на Изборниот законик беа усвоени вчера без расправа, на предлог на пратениците Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Бастри Бајрами, Сурија Рашиди, Борислав Крмов. Во образложението на измените координаторот на СДСМ Јован Митревски потенцираше дека зад предлогот стојат сите партии и од мнозинството и од опозицијата и оти произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДХИР за предвремените парламентарни избори 2020 година.
– Со измените се опфатени сите делови на извештајот на ОБСЕ-ОДХИР и со нив се овозможува поголема ефикасност на изборните органи, се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции. Генерално со сите предложени измени и дополнувања се опфатени и ќе имаат бенефит пред сè граѓаните како гласачи, кандидатите, но и институциите кои имаат свои надлежности во изборниот процес, рече Митревски.
Според премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ, со прифатените амандмани на Изборниот законик кои поминаа со големо мнозинство од сите политички партии во Собранието се обезбедени дополнителни гаранции за локални избори според највисоки стандарди. Тие тоа го истакнале вчера на средба со делегацијата на мисијата за следење на локалните избори на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), предводена од шефицата на мисијата Тана де Зулуета. Владината прес-служба соопшти дека нагласиле оти сите подготовки за спроведување фер и демократски избори за градоначалници и за совети во општините во надлежност на Владата се спроведени во целост во согласност со препораките на ОБСЕ-ОДИХР, вклучувајќи и поголем дел од оние кои се однесуваа и на Изборниот законик.
Заев навел дека се имплементирани сите дополнителни барања за унапредување на изборниот процес вклучувајќи го новиот начин на идентификација со отпечаток од прст за што во избирачкиот список со новите амандмани е додаден и посебен бар код за поголема контрола на гласањето.
Како што соопштила шефицата на мисијата на ОБСЕ-ОДИХР Тана де Зулуета, овие локални избори набљудувачката мисија ќе ги следи со 20 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите.
Претходно, Државната изборна комисија (ДИК) на седница усвои барање за добивање овластување за набљудувачи за 34 лица. Сите кои се заинтересирани за набљудување на изборите можат да достават документација најдоцна седум дена пред одржувањето на изборите.
Во меѓувреме Општинските изборни комисии (ОИК) продолжуваат со потврдување на листите за кандидати за градоначалници и советниците за локалните избори. Брзината на потврдувањето на кандидатурите зависи од проверката на податоците за кандидатите од институциите, имајќи предвид дека станува збор за голем број кандидати. Институциите се должни информациите во електронска форма да ги достават до ОИК.
Во сите 80 општини и Градот Скопје поднесени се вкупно 297 кандидатури за градоначалник и 546 листи за советници. ОИК листите најдоцна до 18 септември треба да ги достави до Државната изборна комисија, за потоа да се одржи жрепка и огласување на листите.
Во тек се и подготовките од страна на ДИК за спроведување на изборите првпат со терминали за вчитување на отпчатоци од прсти за што серверите веќе пристигнаа во земјата, а деновиве се очекува пристигнување на уште 950 терминали. Останатите ќе пристигнат најдоцна до 1 октомври.
Кампањата за изборите започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври.