Се е подготвено за спроведување на пописот. Државата има капацитет и ќе ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција. Обезбедени се комплетните мерки, екипирани се и попишувачите.
Ова е ставот на Владата, наспроти предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пописот да биде електронски поради актуелната епидемиолошка ситуација.
Премиерот Зоран Заев вчера уште еднаш апелира на сериозност. Потсети дека 20 години во земјава не е направен попис. Попис мора и ќе има, порача Заев. Веднаш следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ја обвини Владата за аматеризам во однос на тоа како ја води целата операција околу пописот. Воедно апелира Заев и Државниот завод за статистика (ДЗС) да се договорат дали има доволно попишувачи.
-Првата седница на Парлемантот е на 14 септември, а пописот почнува на 5-ти. Апелирам да бидеме сериозни. Дваесет години немаме попис. Попис има, мора и ќе има. По 20 години што сме? Држава, нација? Мора да има попис. Се е подготвено и драго ми е што нашата земја конечно покажува капацитет да спроведе ваква статистичка операција која значи фер, рамноправност, еднаквост во распределбата на економските ресурси, во правото на развојот и во квалитетот на живот за граѓаните. Многу е важно да се спроведе пописот, рече Заев.
Премиерот напомена и дека пописот е олеснет со електронската база на податоци од кои голем дел ќе бидат само проверени.
-Зоран Заев, Владата што ја води и ДЗС нека се договорат има или нема доволно попишувачи, а потоа да не го загрозуваат здравјето на граѓаните и да прифатат електронски попис. Во само 24 часа имаме два различни става, првин ДЗС и Владата велат дека немало доволно попишувачи, а потоа Заев излегува и вели дека има. Аматеризмот со кој владата ја води целата операција околу пописот покажува дека целосно несериозно ја водат државата и дури и оваа најзначајна статистичка операција како што е пописот се спремни да ја компромитираат, ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Време е, потенцира ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ да не се инаети и да гледа кон работите разумно за доброто на граѓаните.
-ВМРО-ДПМНЕ нуди предлог-излезно решение од калта во која власта сама се заглави. Доколку има проблем со попишувачите, кој очигледно го има, но и поради се поголемиот замав на четвртиот КОВИД бран од кој гледаме дека секојдневно се заразуваат и над 1000 луѓе, а по 20-тина умираат, потребно е спроведување електронски попис, како ќе се спречи евентуален неуспех на пописот, истакнаа од опозициската партија.
Пописот на населението, домаќинствата и становите треба да почне на 5 септември, а ќе трае до 30 септември. Подготвителните активности се целосно завршени. ДЗС, вели директорот Апостол Симовски, е целосно подготвен за најголемата и најзначајна статистичка операција. Симовски нагласува и дека при спроведувањето на пописот, максимално ќе се почитуваат КОВИД протоколите. Тој е задоволен од пријавениот број попишувачи и очекува комплетна покриеност на терен. Владата во меѓувреме наложи, времено ангажираните во државните институции да се стават на располагање за пописот, ако се оцени дека за тоа има потреба.
И директорот на ДЗС Симовски го отфрли како невозможен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за спроведување електронски попис. Сега, според него, ниту може, ниту се размислува за менување на методологијата која е донесена со Закон, објавена во Службен весник и одобрена од Евростат.
Со политички договор поради пандемијата со КОВИД-19 пописот, кој првично беше закажан за април годинава беше одложен за септември.
Собранието со 95 гласа „за“ и 12 „против“ на 2 април годинава го донесе по скратена постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година со што пописот и формално беше одложен за 5 до 30 септември.
Одложувањето на пописот, заедно со воведувањето на отисок од прст и одложувањето на локалните избори за октомври годинава, беа дел од договорот на средбата меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, додека со поддршка подоцна излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети.