Заев-Мехај: Честитки за политиките на дијалог и напредокот на Северна Македонија и отворени можности за унапредување на соработката

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска се сретна со делегација од Република Косово предводена од министерот за одбрана, Арменд Мехај.

На состанокот, како што стои во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, се потврдени пријателските односи помеѓу двете држави.

– Констатирано е од двете страни дека интеграциите во НАТО значат стабилност и безбедност за државите во регионот и дека овозможуваат економски развој. Изразени се и заложби за евроинтеграциите, како и за примена на европските вредности во земјите, во полза на унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и во Северна Македонија и во Косово, се наведува во соопштението.

Упатени биле и честитки до премиерот Заев и до Владата за политиките на дијалог на меѓународен план, што придонесоа за напредокот на Република Северна Македонија и полноправното членство во НАТО, како и очекување за исчекори во европските перспективи.

– Полноправното членство во НАТО значи стабилност, сигурност и безбедност, но придонесе и за зголемување на интересот на странските инвеститори за вложувања во државата, што има придонес во развојот на економијата. Фокусирани сме да го унапредиме животот на граѓаните со примена на европските вредности, посебно во областа на владеењето на правото и во борбата против криминалот и корупцијата, а придонес на економски план има и концептот „Едно општество за сите“ којшто успешно го развиваме и којшто донесе еднакви права, но и одговорности за сите граѓани, се подвлекува во соопштението.

На состанокот било оценето дека и Северна Македонија и Косово покажале ниво на политичка зрелост преку изразената солидарност по развојот на настаните во Авганистан, а било разговарано и за важноста од солидарност меѓу државите во регионот, Европа и светот, со цел успешно справување со пандемијата, како и за можностите за унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Косово.

На средбата била изразена и подготвеност од страна на Министерството за одбрана и од страна на Владата, за споделување искуства на советодавно ниво, во делот на НАТО-интеграциите.