Од портокаловата, заедно со уште три земји, Северна Македонија е преместена во црвената зона за патување на Кипар и задолжителен е ПЦР тест направен 72 часа пред поаѓањето, но и уште еден текст по пристигнувањето, што е на трошок на самите патници, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно новата „Процена на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19“ објавена денеска од Министерството за здравство на Кипар, која стапува во сила во четврток на 26 август, направени се шест промени, две земји од првата преминуваат во втората, четири од втората во третата, а нашата земја е во категоријата земји со зголемена опасност.
Како и досега, државите членки на ЕУ, како и третите земји, во зависност од епидемиолошката слика поделени се во три категории: зелена, портокалова и црвена, за секоја од нив важат посебни правила, а оние кои не се во некоја од овие зони се во сивата категорија.
Освен Северна Македонија, во третата категорија префрлени се и Бугарија, Лихтенштајн и Босна и Херцеговина, а Германија и Хрватска од зелената преминуваат во портокаловата зона.
Поконкретно, како што пренесува МИА, во првата (зелена) категорија, односно „земји со ниска опасност”, за кои не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација, од 11 држави колку што беа минатата седмица, сега се девет земји.
За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен тест направен 72 часа пред патувањето.
Додека пак во третата категорија земји со „зголемена опасност во споредба со другите две категории“, вклучени 40 држави, меѓу кои и Северна Македонија и задолжителен е негативен тест ПЦР тест 72 часа пред поаѓањето и уште еден по пристигнувањето на Кипар.
Вториот тест е на трошок на патниците, кои е потребно да бидат во домашна изолација сè до издавањето на резултатите.
Како што веќе има објавено МИА, Северна Македонија првично беше во црвената зона, по што беше преместена во портокаловата, а потоа од 22 јули 2021 година и во зелената катеорија, нешто што се промени минатата седмица, кога одново се врати во втората и сега повторно е во последната, црвената зона.
Во однос на вакцинираните посетители, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада, Кувајт и Кина.
Исто така, потребно е и да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови (Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон) или со Спутник В, Синофарм или Синовак.
Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е, 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.gov.cy/.
Од Министерството за здравство на Кипар, секоја седмица ги ажурираат листите со земји за кои е дозволено патување на островот, а категоризацијата е огласно развојот на пандемијата и промената на епидемиолошките податоци во секоја од земјите.