Заев: Не се размислува за одложување на пописот

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не се размислува да се одложи стартот на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

-Пописот е веќе договорен по барање на сериозен учесник во нашето општество, тоа е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Толеранцијата е доблест на владејачките партии, на чело со СДСМ тоа го прифатија и го одложивме пописот што ќе се спроведе од 5 септември до 30 септември, изјави Заев по означувањето на почетокот на јужнокорејската инвестиција во ТИРЗ Скопје 2.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот посочи дека овие денови, на пресекот на одморите, на 15 август се прават дополнителни напори за да можат граѓаните да се пријават за спроведување на пописот.

-Апелирам уште еднаш до граѓаните, примањата се од 25.000 до 45.000 денари за овие 25 дена работа. Апелирам граѓаните посебно во општините кои Заводот за статистика ги објавува, каде има дефицит на луѓе да се пријават за да може да се заокружат навремено сите бројки. Верувам дека ќе имаме доволно попишувачи. Општествено, апелирам до сите, дали се институции, приватни фирми, пред се кон граѓаните, но и политичките субјекти да помогнат во обезбедување на вкупните бројки на попишувачи, рече премиерот Заев.

Заев потенцира дека од 25.000 до 45.000 денари е приходот за попишувачите, за 25 дена анкетирање. Потсети дека деталите веќе ги кажа директорот на Заводот за статистика.

-Пописот, не само што не смееме да размислуваме за одложување, тоа е наша обврска, наша должност. Сите сме заедно во оваа работа. Еве и опозицијата со своите барања, прифатена, вградена внатре, сите да спроведеме попис заради тоа што тоа е статистичка операција која е насушно потребна за сите наши економски планови и предвизвици кои ги имаме пред нас. И конечно по 20 години да ја спроведеме како статистичка операција, изјави Заев.