Со свеченост на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата во Скопје денеска се одбележува Денот на Армијата на Република Северна Македонија.
Обраќање ќе имаат претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Согласно сценариото, во рамки на свеченоста ќе бидат доделени одликувања и признанија на единици од Армијата и соработници кои придонесуваат за развојот на одбраната. Претседателот Пендаровски ќе врачи Орден за воени заслуги и Повелби на Република Северна Македонија, додека министерката Шекеринска и началникот Ѓурчиновски ќе доделат признанија на претставници од институции со кои соработува Армијата.
На свеченоста, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој се наоѓа во неколкудневна работна посета на Република Северна Македонија, на министерката Шекеринска ќе и додели медал за истакната служба, а на генералот Ѓурчиновски медал за заслуги.