Претседателот Пендаровски на отворањето на 54. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Конгресниот центар во Охрид ја отвори 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, собир на македонисти и слависти од целиот свет во чии рамки ќе се одржи и 48. Меѓународна научна конференција на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на маедонскиот јазик, литература и култура“.

Во поздравното обраќање претседателот Пендаровски рече учеството на 50-темина учесници од 16 земји и три континенти на Школата покажува на несмалениот интерес за изучување на македонскиот јазик и македонската литература, но и за подлабоко запознавање со македонската култура.

– Со тие факти со право се гордееме, но истовремено не обврзуваат да продолжиме да ги развиваме и да ги унапредуваме врските со сите посветени вљубеници во македонскиот јазик и промотори на македонската литература и култура. Очекувам во следниот период многу поинтензивен ангажман, на државните институции, но и на академските установи во зајакнувањето на постојните и отворање нови лекторати по македонски јазик на странски универзитети, рече Пендаровски.

Тој потсети дека изучувањето на македонскиот јазик во рамки на лекторатите и славистичките катедри на странските универзитети изминатите децении имаше голем придонес во стекнувањето докажани пријатели на земјата чија помош, како што рече „е непроценлива уште од првите тешки години на независноста на државата, а тоа го прават и денес“.

– Културната дипломатија е најдобрата стратегија во напорите на помалубројните народи за нивно етаблирање во меѓународната заедница…Јазикот, уметноста и културата се оние сегменти што му даваат знаење и смисла на човечкиот живот и овозможуваат траење низ времето и помнење за иднината. Затоа, Вашата волја и желба, љубовта кон лингвистиката и страста за уметноста и културата имаат непроценлива вредност пркосејќи и на минливоста на времето, рече Пендаровски.

Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, рече дека Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура претставува значајна алка од УКИМ и дел од Националната платформа за одбележување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, притоа реализирајќи бројни предвидени активности, меѓу кои првата Зимска школа во февруари годинава, промоцијата на Зборникот „Конески на 11 јазици“, одбележување јубилеи од изчучувањето на македонскиот јазик на Московскиот „Ломоносов“ и на Истанбулскиот универзитет…

– Стоиме исправени пред предзивикот шптои се вика 54. Летна шпкола. Ние да ви понудиме исклучително квалитетна настава, поточно да ви помогнеме во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, а вие да го научите што подобро македонскиот јазик, да ја читате македонската литература и да ја вдишувате македонската култура, рече меѓу другото Јанкуловски.

Во текот на дваесетина дена учесниците на годинашната Летна школа ќе имаат можност да слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, но и да проследат неколку културните настани.

Во рамките на 54-та Летна школа, на 25 август преку платформата Зум ќе се организира и тркалезна маса на тема „Блаже Конески во наставата по Македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“ на која ќе учествуваат 15 лектори по македонски јазик на странските универзитети и универзитетски професори (странски македонисти).

Предвидени се и промоции на изданија, меѓу кои „Конески на 11 јазици“, зборник со препеви на песни и преводи на прозни текстови од Конески остварени од странски македонисти, како и „Теми за македонската литература 20 век“ на академик Ала Шешкен од  Универзитетот „Ломоносов“ во Москва.

На 3 септември ќе се одржи и 48. Меѓународна научна конференција на која покрај домашни, учество ќе земат и 20 странски излагачи. Околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на маедонскиот јазик, литература и култура“.