Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, денеска во Секретаријатот за европоски прашања имаше средба со Алехандро Алваронзалес, помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика и со Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија.
На заедничката средба се разговараше за евроатланските аспирации на Македонија, во контекст на пораките содржани во новата Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.
– Се наоѓаме во исклучително важен, може да се рече, историски период, кога ни е неопходен национален и општествен консензус за конечно да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО, истакна Османи, потенцирајќи ги притоа пораките на Стратегијата на Европската комисија, кои прецизно го исцртуваат патот на земјите од Западниот Балкан до полноправно членство во Европската унија.
Во продолжение Османи реферираше и за состојбите со имплементацијата на Планот 3-6-9, особено во делот на реформите на правосудниот систем, реформите на безбедносните служби, како и реформите на јавната администрација.
– Постои јасно изразен европски оптимизам, што претставува исклучително важен поттик за Владата, но и целото општество, кои се целосно посветени на евроатлантските интеграции на Македонија, додаде Османи.
Коментирајќи ги европските и евроатлантските перспективи на регионот, соговорниците се согласија дека само сигурен, стабилен и прогресивен Западен Балкан како дел од европското семејство претставува гарант за иднината, стабилноста и безбедноста на Европа во целина.