„Интернешанл Полиси Диџест“: Северна Македонија им припаѓа на луѓето во Македонија без разлика на нивното етничко потекло

Доста е, Северна Македонија им припаѓа на луѓето во Македонија, без разлика на нивното етничко потекло, наведува порталот „Интернешанл Полиси Диџест“ (ИПД) во текст посветен на земјава.

– Луѓето таму делат заедничка историја, јазик, територија и постои влада која е способна да спроведува политики. Ова според Членот 1 од Конвенцијата од Монтевидео е доволно една територија да се смета за држава, додава ИПД.

Во текстот се наведува дека во поновата историја „земјата им припаѓала на Османлиите и на словенските народи, па дури и Грција има претензии кон неа“.

– Отоманската Империја не постои, Античките Грци не постојат и Античка Македонија не постои, но сепак гордоста на народот со заедничка историја постои, наведува авторот на текстот прашувајќи „што стана со Македонија, некогаш гордата земја од каде потекнуваат семејствата на Александар Велики и Клеопатра?“.

ИПД додава дека еден краток поглед на историјата на земјата од почетокот на 20-от век покажува како „претензиите врз луѓето и територијата ја десеткуваа некогаш славната држава и гордите луѓе“.

– На османлиската контрола врз Македонија е ставен кај по Балканските војни во 1912-13 година. Како сол на раната, Македонија беше поделена меѓу Грците, Бугарите и Србите. Во Балканските војни Османлиите беа поразени од лошо опремени и инфериорни сили и ги загубија повеќето од своите европски територии. По победата, Грција тврдеше дека луѓето и земјата се грчки. По Првата светска војна, српскиот дел од Македонија беше вклучен во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кое подоцна во 1929 година беше наречено Југославија. По Втората светска војна, српскиот дел на Македонија стана конститутивна република во рамките на Федеративна Народна Република Југославија. Ова се сметаше за прифатливо решение, се додава во текстот.

Порталот наведува дека „во 1945 година македонскиот јазик беше признат во рамки на Југославија“.

– Колапсот на Југославија доведе Република Македонија да прогласи независност во 1991 година. Но, патот до независноста беше скап. Македонија се отцепи од Југославија во 1991. Земјата се обиде да стане членка на Обединетите нации во април 1993 година, но во тоа ја спречи спорот за името „Македонија“ со Грција, која тврдеше дека името е хеленистичко и и припаѓа на Грција, наведува ИТД.

Порталот потсетува дека Грција се противеше на употреба на името Македонија без географски „одредница“, со цел како што тврдеше „да се избегне забуна со нејзиниот регион  грчка Македонија.

– Грција во својата ароганција уште мислеше дека само нејзе и припаѓа поранешната слава на Македонија, бидејќи некои етнички Грци се идентификуваат како Македонци. Тие сметаа дека вистинската Македонија не е поврзана со словенскиот народ кој живее во денешна Северна Македонија. Грција дополнително се противеше на употребата на името Македонци за најголемата етничка група во соседната земја, обвинувајќи ја за присвојување на симболи и личности кои историски ги сметаше за дел од грчката култура (како Сонцето од Вергина и Александар Велики), како и за промовирање на иредентистички концепт на обединета Македонија, која би вклучувала територии на Грција, Бугарија, Албанија и Србија. Македонија подоцна беше примена во ОН под привремен назив „Поранешна југословенска Република Македонија“, а во јуни 2018 година беше постигнат договор земјата да се преименува во „Република Северна Македонија“. Ова преименување стапи во сила во февруари 2019 година, наведува порталот во освртот.

ИПД оценува дека е неправедно „овие горди луѓе да мора да се поклонуваат пред Грција“.

– Да, некогаш Македонија била дел од грчката култура, исто како и Палестина, но сега никој нема илузии дека таа и припаѓа на Грција, заклучува „Интернешанл Полиси Диџест“.

Порталот во текстот се осврнува и конфликтот во 2001 година, за кој вели дека е завршен со Охридскиот рамковен договор.

– Според условите на Охридскиот договор, властите се согласија да пренесат поголема политичка моќ на албанското малцинство. Албанската страна, пак, се согласи да се откаже од сепаратистичките барања и целосно да ги признае сите македонски институции, додава авторот.

На крајот на текстот авторот се осврнува и на актуелните случувања наведувајќи дека „постои спор околу тоа дали Македонија да биде дел од Европската унија“, посочувајќи дека „преговорите за приклучување на Македонија кон ЕУ беа блокирана од Бугарија во 2020 година, поради спор околу историјата, националниот идентитет и јазикот’.

– Доста е. Северна Македонија им припаѓа на луѓето во Македонија, без разлика на нивното етничко потекло. Луѓето таму делат заедничка историја, јазик, територија и постои влада која е способна да спроведува политики. Ова според Членот 1 од Конвенцијата од Монтевидео е доволно една територија да се смета за држава. И Словените и Грците треба да прифатат дека Македонија им припаѓа на Македонците, заклучува „Интернешанл Полиси Диџест“.