Во рамки на илинденските чествувања во познатиот Бигорски манастир, покрај Свечената литургија беше извршен и чинот на доксологија – молитва за татковината.
-Како и секоја година беше извршен чинот на Доксологија, во кој се принесуваат молитви „за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и Татковината, особено во Илинденското востание“, информираше отец Кирил.
Додаде дека по благословувањето на празничното коливо, Епископ г. Партениј, одржал пригодно слово.
-На овој празник посветен на светиот и велик старозаветен пророк Илија, пред 118 години нашиот многунамачен и напатен народ херојски востанал против гнетот и јаремот на големата Турска империја. Пред малку, во молитвата ние си спомнавме за душите на сите оние кои јуначки се бореле и славно паднале во светите борби за нашата вера и Татковина, или биле измачувани и убиени од непријателските војски или паднале во заробеништво, односно за душите на сите што низ историјата се бореле и паднале за идеалот за слобода и државност. Меѓутоа, како што чувме од чинот на Доксологијата, ние се помоливме и за началниците кои се поставени да управуваат. Зашто, навистина, голема одговорност имаат оние на коишто Господ им дал власт да управуваат со државата, за којашто многумина ги дале своите животи, го дале најсветото што го имал, порачал меѓу другото владиката.
Посакал Господ да не чува во преслатката слобода Христова, да ни ја чува Татковината, да ги просветлува оние на кои им е дадена власт да не водат и да им каже „добри зборови во срцата нивни за Црквата и за целиот Негов народ“.