Скопје, Тирана и Белград ја зацврстуваат договорната рамка за идна поголема соработка

Премиерите на Северна Македонија Зоран Заев, на Албанија Еди Рама, и претседателот на Србија Александар Вучиќ, денеска во Скопје потпишаа два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор со кои треба да се интензивира соработката во регионот.

Потпишан е Договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандум за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, кои произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Тие претставуваат операционализирање на иницијативата за подобрување на условите во однос на размената на стоки и услуги, како и на иницијативата за соработка меѓу државите во однос на зашита и спасување од катастрофи.

Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан се темели на подготвеноста на политичките водства на трите држави за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, особено во областите на увозот, извозот и движењето на стоки, со цел отстранување на пречките во меѓусебната прекугранична трговија, придонес за напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.

Меморандумот содржи одредби за поедноставување на формалностите поврзани со увоз, извоз и движење/транзит на стоки, соработката на царинските и другите надлежни органи, како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања и слободното движење на индустриски непрехрамбени производи.

Со Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, пак,  договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање на помош во случај на катастрофи: планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, едукација и обука на персоналот на службите, единиците за заштита и спасување и друите членови на спасувачките тимови, размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.

Договорот, исто така, предвидува и обврска за известување за закани, процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош, заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти, начин на надомест на штети, начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење на средства за комуникација.

Третиот меморандум е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето со цел да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со цел отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Овој меморандум е во насока на потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

Форумот е во организација на Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во координација со кабинетите на Вучиќ и Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот.  Ќе заврши со прес-конференција на лидерите на кои ќе бидат соопштени придобивките од Форумот, како и плановите за идните иницијативи. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *