Османи во официјална посета на Турција

 Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе престојува во официјална посета на Анкара, каде што ќе има средби со повеќе високи претставници на Република Турција, меѓу кои и со неговиот домаќин, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу. Османи исто така ќе се сретне и со претставници на Сојузот на стопански комори и стоковни берзи на Турција.

Како што соопшти МНР, во фокусот на разговорите меѓу Османи и турските политички и економски чинители се очекува да бидат состојбата и можностите за продлабочување на билатералната соработка, со посебен акцент во економската сфера, активностите поврзани со регионалната соработка и НАТО сојузништвото,  европските интегративни процеси, како и други прашања од меѓународните актуелни теми.

Во рамки на престојот во Турција, Османи ќе посети и граѓани со потекло од Република Северна Македонија.