Димитров – Дела Ведова: Скопје треба да ги почне преговорите со ЕУ, без попречувања поради билатерални прашања

Интеграцијата на Северна Македонија и регионот во европското семејство на народи ќе ја зацврсти стабилноста и кохезијата на Унијата бидејќи станува збор за заокружување на процесот на обединување, истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на денешната средба во Скопје со италијанскиот заменик министер за надворешни работи Бенедето Дела Ведова, кој е во работна посета на земјава.

– Справувањето со КОВИД-19 кризата ја истакна неопходноста од придвижување на политиката на проширување и комплетирање на Европа со Западниот Балкан, што пак претставува можност за развој на модалитетите за продлабочување на билатералната соработка. Влогот на ова прашање е голем и европските вредности и интеграции не смеат да бидат во заложништво на билатерални прашања, порача Димитров.

Тој истакна дека периодот што претстои е одлучувачки за иднината на процесот на европска интеграција што подразбира и внатрешни реформи во Унијата, но и европеизација на Западниот Балкан.

Од италијанска страна е потврдена силната поддршка за реализирање на европската перспектива на Северна Македонија за што е неопходно отпочнување на преговорите за членство со Унијата што е можно поскоро, како и влијанието на ова прашање врз европската иднина на регионот.

Главниот фокус на средбата, соопшти СЕП, беше ставен на важноста на политиката на проширување за обезбедување заедничка европска иднина со која ќе се надградат политичките и економските односи на Италија со земјата и регионот, со посебен акцент на предизвиците и пречките на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Разговарано е и за посветеноста на европската реформска агенда и одличната билатерална соработка помеѓу двете земји во главните реформски области што се одвива преку инструментите за техничка помош за јакнење на капацитетите за усогласување со правото на ЕУ, но и економската и инвестициската рамка.